Ќути си
Кога ги боли, животинчињата се склопчуваат во ќош и си ја лижат раната. Ја лечат, ја одболуваат и кога се подобро, стануваат и тераат понатаму. А нас, кутрите цивилизирани човечки суштества, нè учат дека емоциите не се за пред светот, дека никој не треба да знае како ни е, дека и тогаш кога ни е најтешко треба да сме насмеани, кога сме тажни да гледаме комедии, кога ќе ни умре некој да се држиме цврсто, кога ќе ни пропадне врската да одиме во диско и да се забавуваме, да играме и да пиеме текили, кога се случува неправда да молчиме и да се правиме дека не ја забележуваме, кога сакаме да викнеме гласно не смееме зашто е срамота, кога сакаме да се смееме, ни велат: „Потивко, те гледаат сите“... А сите болештии и несреќи доаѓаат од потиснати емоции. Светот е сиот погрешен, а не бил замислен да биде таков.