logo

# Приказни

Јагоди

насловна слика

Колку само луѓе врват низ нашите животи! 

Си размислувам, си велам: „Е, за колку од нив во одреден период од животот сме мислеле дека ни се неопходни како воздухот што го дишеме, колку ли драма внесуваме во моменталните односи мислејќи дека се „до смрт“, дека е вечно, дека е засекогаш... а колкумина „засекогаш“ поминале низ веков и си отишле како да не биле. 

Сетете се на другарките/другарите со кои сте биле како сестри/браќа, неразделни, сте разменувале алишта, сте спиеле заедно, тие кај вас, вие кај нив, по одмори, разменети најдлабоки тајни. А сега? Каде се? За некои знаете, за други појма немате ниту пак ве интересира нешто особено. 

Сетете се на бившите љубови со кои сте планирале заеднички иднини, сте им смислувале имиња на вашите неродени деца, сте делеле пари, леб, кревет, најтешки интими. Каде се сега? Каде сакаат нека се. Само нека се живи и здрави. А помислете како сте си велеле: „Не, јас ќе умрам ако не бидам со неа/со него, не можам да живеам без неговата/нејзината близина и прегратка. Некогаш ќе ги сретнете на улица, за миг ќе ви затрепери срцето, ќе се поздравите, „Како си, кај си...“, ќе ви остане полунасмевката на устата уште минута-две откако ќе се поздравите и терате понатаму. 

Одите на пазар да купите јагоди за дома. И сфаќате. Сè е само моментална вистина. Минливо. Најголем дел од нашите блиски се претвораат во Somebody that I used to know. Се претвораат во странци со заеднички спомени. 

И на крајот сè се сведува на оние кои се темел на нашата тврдина. Неколку души. Сосема доволни.

Коментари


Остави коментар