logo

# Приказни

ЕДНА ПИРУЕТА ЗА ЛАЈОШ

насловна слика
Имав пес, англиски булдог, кој се викаше Лајош.Тоа беше флегматично суштество со неколку квадратни метри (вишок) кожа, кое ’рчеше погласно од тетка ми Зорка. Го добив кога имав 8 години. Бев 3-то одделение и веќе 2 години одев во школата за современ танц „Браќа Нижински“. Учителите, Сергеј и Серјожа Нижински, беа пра-правнуци на познатиот танчар и кореограф Васлав Нижински, но тие немаа апсолутно никаков талент за танц, како и повеќето ученици кои ја посетуваа школата – како мене. Јас имав, и се’ уште имам, две леви нозе. Не фигуративно, туку така сум се родил. За разлика од мене, Лајош беше роден за тоа. Ги имитираше кореографиите кои се обидував да ги совладам со беспрекорен стил и елеганција, и покрај кратките нозе и флегматичноста. Еден ден собрав храброст и го однесов во школата. Сите беа воодушевени од неговиот талент и веднаш го прогласија за маскота. Лајош потона во очај. Тој сакаше да стане познат танчар, како Нижински, како Нуреев, како Мерс Канингам, да ги освои познатите светски сцени и пред неговите кратки нозе да се фрлаат бели рози, но... По некое време тој престана да јаде, престана да лае и престана да танцува. По некое време, престана да живее. Го закопавме под јоргованот во дворот и врз неговиот гроб засадивме зумбули – омиленото цвеќе на Лајош. Школата на браќата Нижински се расформираше неколку недели подоцна, кога Сергеј и Серјожа беа обвинети за убиство на нивниот заеднички љубовник, домарот Коља.

Коментари


Остави коментар