Два и пол-сабајлечка сеќавалка
Месечината зуи како рој пчели скриени во окото на лутиот дедо, кој бегајќи од маглата, ја среќава својата младост облечена како уличен пес што знае да чита и да пишува наопаку и никако поинаку.
Ти беше скриена зад дрвцето во дневната соба и ми праќаше димни сигнали преку индијанските плетенки кои ти извираа од ушите. Твоите раце беа гранки на кои растеа белите цреши од моето детство, а очите ти беа моите први сеќавања за играта. Беше прекрасна и неутешна како здив од пареа во првото зимско утро на нашата љубов, кога ми кажа дека ако не постоевме ние, немаше да постои ниту Ништото.