Добриот збор е лечебен збор
Прочитав еден убав статус, вели: „Докторите треба почесто да препишуваат терапија со море, терапија со планина, терапија со музика" и си мислам колку вистина има во кажаново.
Конвенционалната медицина е и тоа како битна и бескрајно сме и' благодарни за квалитетот на живот на современиот човек, но истовремено е прилична сурова и ретко кој доктор ќе ти препорача нешта што ќе ти ја излечат душата. Ти поставуваат дијагноза, ти даваат терапија, ќе се заматкаш во здравствениот систем, од еден шалтер на друг, од едно испитување на друго. Медикаменти, хемии, ќе почнеш да слушаш секакви приказни, најчесто со фатални краеви и човекот од малку болен, ќе стане многу болен од пусти страв и толку беше. Психата е најважна работа, побитна од сè друго. Таа крева, таа спушта. Убавиот збор и надежта лечат. Ако ти рече докторот: „Болен си, ти нема спас“ и односот му е груб и суров, бесчувствителен, а ти не си доволно силен сам да се справиш со болештијата, отиде. Треба да ти рече: „Да, тоа и тоа ти е, ама ќе сториме сè за да бидеш добар и ќе бидеш добар.“ Па ќе ти раскаже примери на луѓе кај кои се случиле чуда, кои ене ги сега живи и здрави или: „Е, добро, и со болеста се живее“... нели? А да не зборувам за оние претскажувачи на иднината кои викаат: „Во следниот период нè чекаат вакви кризи, онакви кризи, проблеми со абдомен, проблеми со вид, проблеми секакви или како реакција на таа болест може да ти се јави и таа и таа друга болест“... и како ќе ти помогне тебе таа информација кога не можеш да реагираш? Освен што ќе те испоплаши и ќе умреш од страв. А да, една статија што прочитав пред некој ден: „Ако имате такви и такви соништа, очекувајте наскоро дека ќе ве затекне некоја трагедија поврзана со главата“. Не ни дочитав до крај, најстрашни предвидувања некои изнапишале... глупости.
И како што започнав со цитираните зборови од горе: терапија со море, терапија со планина, терапија со музика, со убав збор, со сонце, со книги, со убави луѓе.