logo

# Приказни

Девојчето што везеше за чеиз

насловна слика
Баба ми и дедо ми живееја во постземјотресните бараки во Бутел, едно (во тоа време) симпатично, шарено маало со деца од секаков етникум што за мене претставуваше тешка егзотика, улици преполни деца, дрва кајсии и испентерени Тарзани на нив (кога одев таму и јас станував Тарзанка), па се пикавме по туѓи дворови да пиеме вода од бледоцрвените црева што смрдеа на гума, беше весело, природно и безгрижно до бесвест! Сосема различна атмосфера од онаа во мојата населба. И зошто го зборувам ова. Ете така, зашто сношти од потсвеста, таа чудна неистражена мистерија која чува секакви податоци, навидум безначајни, ми излезе една слика на мала Јас со баба ми на гости кај нејзината комшика тетка Берка, а кај тетка Берка дојдена нејзина роднина од Босна. Девојче, малку поголемо од мене. Седеше на каучот во кујната и везеше. Везеше! Боже, колку се чудев, везат само возрасни жени, си мислев, како сега девојчево... и ми кажаа дека завршила четврто одделение и престанала да оди на училиште. Толку. Седела дома, не смеела да излегува надвор како нас, учела домаќински мајстории и подготвувала чеиз за мажење. И еве, сè уште, после толку години го чувствувам шокот што го доживеав и тагата и сочувството кое ми се јави за девојчето кое не изусти ни збор, ама не знам како да ви доловам, како најстрашна вест да ми кажаа... не одела на училиште, колку жално за мојата кревка детска душа, толку страшно што после милион години морам и да го запишам.

Коментари


Остави коментар