Десетминутна случка
[caption class="snax-figure" align="aligncenter" width="662"][/caption]
From:Epistorija Glagolaevna <[email protected]>To:Epistorie Nikiforoven <[email protected]>Date:03 September 2016 18:43
Subject: Re: sekavanje.za.edno.pismo
Еписторие,
Секако. Се надевам дека не си бил во павилјонот број 6 кај Андреј Ефтимич. J
Твојата последна порака по психоанализата кај психијатарот ме потсети на еден настан. Дали се сеќаваш кога на мојата работна маса најдов писмо? Без адреса. Во него имаше само еден празен лист хартија. Зјапав во празниот лист и ништо не ми беше јасно. Вознемирено истрчав до компјутерот и почнав да пребарувам по датотеките, кои беа полни со испишани фајлови. Упорно пребарував некакво совпаѓање со празниот лист хартија, како да сакав да го најдам натрапникот што го оставил писмото на мојата работна маса без да ми каже. Иако на листот немаше испишано ниту еден единствен збор. Ниту буква. Каква буква, бре! Ниту интерпункциски знак! „Што се вознемируваш без врска“, ми рече. „Можеби некој се исплашил да ти ја напише вистината“, ме охрабруваше. Уште позачудено гледав во листот бела хартија, го фрлив во корпата за отпадоци и излегов. Имаше работи за кои вреди да се одложи сè.
Тоа писмо ме потсети на твојата посета за психоанализа. Секако дека сè е во ред. Треба да се препуштиме на нештата какви што се. Работите сами ќе си го најдат својот вистински пат.
Сонувај само убави нешта,
Еписторија
From:Epistorie Nikiforoven <[email protected] >To:Epistorija Glagolaevna <[email protected] >Date:03 September 2016 19:55
Subject: Re: deset.minutna.sluchka
Еписторија Глаголаевна,
Имам само десет минути да ти прераскажам една скорешна случка, зашто ме чекаат на вечера, а доцнам, како по обичај. Кога сме веќе кај писмата, ти текнува на една многу убава девојка што ми пишуваше по десет љубовни писма на ден? Ја сретнав пред некој ден пред зграда. Нејзините раце беа отсечени и се препелкаа во малите барички со крв покрај нејзините прекрасни нозе. Тргна кон мене, но не можеше да ме прегрне. Од таа помисла нозете ѝ се престорија во облаци без дожд, кои по цели денови раскажуваа здодевни приказни за моралот и заедништвото. Беше ужасно да се гледа таа некогаш блескотна убавина, сега вака беспомошно оставена да искрвави до смрт.
„Те сакам“, ми рече.
Јас се онесвестив, затоа што не поднесувам крв.
Се надевам дека не те растревожив.
П.С. Добро, не се случи баш така, сè беше многу поблаго (на моменти имав впечаток дека девојката ме помешала со некој друг) и, за жал, немаше крв, но знаеш дека секогаш (сакам да) гледам на работите од еден романтичарски агол. Крвта, нели, секогаш им дава поголемо значење на работите. J
Остани во добро здравје,
Епи