logo

# Приказни

Дај му време на времето

насловна слика
Често врвам покрај Драмски театар и таму на една од зградите  е оној графитот што се врти низ мреживе: "Дај му време на времето". Стално го мислам, го дискутирам и го кажувам кога некому му треба утеха, ама не само колку да утешам, туку затоа што навистина верувам дека времето го дава одговорот на секое прашање и ја лечи секоја фрустрација, рана и болка. Не дека лузни не остануваат, ама лузната е само сувенир, потсетник на раната што те болела. И просто е неверојатно како доколку си трпелив, животот сам, без да го форсираш, ти ги мести сите парчиња од мозаикот на свое место. А како врви времето, еден по еден, без да барам, ми ги носи на патот оние со кои сум имала нерасчистен и недоречен однос и на мирен начин ми го затвора кругот со нив, начин кој не носи патење, туку спокој. Грутките на душата кои биле закопани некаде длабоко во потсвеста и кои понекогаш се јавувале во сонот за да те потсетат дека сè уште тука, одеднаш магично исчезнуваат. А разврската скоро како по правило е во корист на двете страни, кога кругот ќе се затвори двајцата го чувствуваат олеснувањето. Некои од круговите често почнуваат нова тура вртење, а со некои си кажуваме збогум без каење и без осуда. А откако ќе ги затвориме сите, ќе можеме мирно да се повлечеме и помирени со себеси и со светот да ја дочекаме зрелоста и мирот.

Коментари


Остави коментар