ЦИМЕРОТ
Потрошив 45.678 денари на света вода, 56.890 денари на егзорцисти, 195.900 денари на специјални камери за ноќно снимање и слични работи, но никако не можев да го избркам духот кој ми ја опседнуваше куќата и не ме оставаше да спијам. За среќа, сите колеги од работа имаа домашни духови и си споделувавме искуства, си правевме шеги за подочниците, се забавувавме имитирајќи ги звуците кои ги произведуваат од полноќ до 5 наутро и ковавме планови како да ги истребиме. Мојот дух се всели во мојот дом пред точно 2 години, 6 месеци и 17 дена. На почетокот беше тивок, дури и љубезен. Оставаше ливчиња со извинување, слушаше тивка и пријатна музика и не правеше забави, но како одминуваше времето, под влијание на лошото друштво, духот ги заборави добрите манири и почна да пее турбофолк песни, да вклучува правосмукалки и миксери во ниедно време, да ми свети со рефлектор во лице... Си мислев ок, можеби ќе му помине, можеби е во пубертет, можеби е вљубен, можеби има проблеми на работа; му оставав белешки со пријателски предупредувања на кои, понекогаш ќе најдев срценце со „извинииии“ и слично, но и тоа престана и му објавив војна која со задоволство ја прифати. Знаев дека сака тенџериња, прибори за јадење, всушност, тропалки од секаков вид кои ги тргнав од дома, но, како што е познато, духовите се креативни и ништо не може да ги спречи во остварувањето на нивните блесавштини... Логично, престанав да спијам и поради тоа веќе не му обрнував внимание на мојот грохотничар. Духот се загрижи и повторно почна да ми остава белешки: „Како си?“, „Сè е во ред?“, „Мислам дека треба да одиш на ушно“ и купишта слични пораки на кои веќе не обрнував внимание, само за да го нервирам. И навистина, духот почна да се стишува. Сè уште гледаше телевизија и слушаше гласна музика во ниедно време, одеше горе-долу по скалите, гребеше по ѕидови и правеше сè што прават духовите, но како да престана да ужива во тоа. Се загрижив. Сепак, колку и да не го поднесував, духот ми беше најблиското суштество во животот... Што му се случува? Која е сличноста помеѓу духовите и луѓето? Сакаме да вревиме, да нервираме други луѓе, да се инаетиме, не можеме да спиеме навечер... Несоница... Можеби духот пати од несоница? Се симнав до кујната и му напишав белешка: „Драг Духу, колку и да не се поднесуваме, факт е дека сме цимери и дека мораме да си помагаме. Повели една таблета за спиење. Твој, Л.“. И така почна процесот на нашето смирување. Духот редовно ги пиеше таблетите и по неколку месеци запреа неговите ноќни лумпувања. Утрово, додека пиев кафе, наспан, на кујнската маса најдов една белешка: „Фала, другар. Вечерва засекогаш си одам од лимбово. Ќе ми надостасуваш. Збогум!“.
И ти мене, брат.