logo

# Приказни

Циганска пита

насловна слика

(политички коректен расказ)

Многу би сакал да си замесам Циганска пита, но го заборавив рецептот. Знам само дека брашното треба да се позајми од комшијата од третата куќа, кој вози небесно син мотор и има син поштар. (Вонбрачниот син на поштарот има 5 години и 6 прсти на десната рака. Кога се роди, маалскиот надрилекар рече: Секоја среда, точно напладне, давајте му на детето по една кришка 'ржан леб и ништо повеќе. Поштарот го послуша надрилекарот и бебето за малку ќе умреше од глад. Надрилекарот од срам побегна во Индија, се ожени со една следбеничка на Шива и умре од лепра неколку години подоцна.) Ми се јаде Циганска пита. Водата за питата треба да се црпне од стариот средселски бунар изграден од некој џин неколку минути по создавањето на светот, но селаните не се осмелуваат да ми позајмат кофа. Ми велат: Нема пита за каури! Би убил за Циганска пита, врескам и тие бегаат низ селото како обезглавени кокошки напролет. Нема пита за каури, нема пита за каури, нема пита за каури, вергла селскиот папагал и снесува четири јајца. Кретен, си помислувам и шутнувам паднато камче од нечие срце.

Коментари


Остави коментар