logo

# Приказни

АВТОПОРТРЕТ СВРТЕН КОН ЅИД

насловна слика

                                                                                 1.

Седам пред новоотворениот празен документ на мојот лаптоп и сакам да напишам расказ. Ништо не се случува, ништо не излегува на површина. Приказните ме одминуваат во широк лак, иако времето надвор е пријатно, песката лае како во цутот на младоста, а маалските деца трчаат и си играат со топката од вештачка кожа како да е глава на должник од мексикански картел. На тв игра филм со Французи и банана-диктатори. Закани, проневери, убиства. Скоро секогаш кога седнувам да напишам приказна, поминува Старо купуем: човекот на црвен томос со приколка. Единствениот кој не се најавува со глас на паднато божество од ромската митологија, туку секогаш молчи и гледа дали има луѓе пред куќите: ако нема - никому ништо, ако има, им праќа прашален поглед, зашто сите знаат што му треба. Понекогаш го среќавам на друга маалска улица и го поздравувам. Само ме погледнува, заклучува дека не носам стар фрижидер в џеб и си продолжува по патот. На неколку куќи од мојата, живее еден човек што личи на пензиониран спортски коментатор. Секогаш го поздравувам а тој само ме одминува без збор. Веднаш потоа, коментаторот се сретнува со друг комшија и разговараат со часови. Понекогаш, можеби, не постојам; луѓето гледаат во нешто замаглено, во некаква оптичка измама, можеби им влегла прашинка во очи, можеби го чувствуваат моето присуство без форма, а можеби, едноставно, не сакаат да ме поздрават. Којзнае што мислат за мене. Децата исто така. Најмалото од нив ќе изусти како за себе „Добар ден“, останатите молчат и си бркаат работа. Можеби сум луд во нивните очи, но и лудите треба да се поздрават - макар со камен по глава. Некултурни деца, си помислувам и моите мисли се враќаат во телото свиткано пред лаптопот кој не сака да соработува. Можеби пред лаптопот не седи никој. Можеби лаптопот не може да одлучи кој седи пред него. Јас сум комбинација од барем 3 личности кои понекогаш се поклопуваат а понекогаш се разминуваат. Првата личност е ведра, сака луѓе и животни, сака да кажува шеги, сака да се смее, да пее, да љуби, да се опие и на ништо да не се сеќава. Втората личност е мрачна, мрзлива, депресивна, тажна, конфликтна,.. но и таа сака да се опие и на ништо да не се сеќава. Третата личност сонува и ништо друго не ѝ е потребно, освен, понекогаш, да се опие и на ништо да не се сеќава. Трите личности, кога ќе се здружат, стануваат човек полн со љубов, полн со гнев и полн со сништа, но не секогаш по тој редослед - особено кога човекот ќе се опие.

Поради една таква минатовечерна опиеност, утрово никаде не можев да ги најдам документите кои ми требаа во моментот. Ги отворив папките во кои, полу-уредно, се сместени сите сметки од изминативе десет години, сите документи кои потврдуваат дека сум жив, сите пресметки, сите договори, само оние кои ми беа итно потребни не излегуваа од бескрајните длабочини на белите папки. Си помислив дека можеби сум ги ставил меѓу книгите, и полека почнав да ги вадам сите книги од библиотеката, надевајќи се дека се кријат таму, но ништо. Излегоа одамна заборавени цртежи, ливчиња со осамени стихови, фотографии од поново и постаро време, бадникови парички во алуминиумска фолија, пенкала, боички, туби со исушени темпери... попусто. Се почувствував како да сум заглавил во сон на Борхес, во некој лавиринт на неговата потсвест, во кој сите ѕидови ми се смееја и покажуваа со прст кон мене. Тахикардија, потење на дланките, вртоглавица. Седнав да земам здив (односно, да испушам неколку цигари), ги затворив очите за миг и пробав да ги оттргнам мислите од паниката која ме седна на неудобна електрична столица и полека ме подготвуваше за крајниот чин. Ги отворив очите. Лево од телевизорот има мало огледало, батериска ламба, до неа часовник, а пред часовникот кутиче со витамин Б6. Решив да се напијам од витаминот и пред да станам од расклатениот двосед во дневната соба, си ги погледнав прстите од десната рака и почнав да бројам: еден, два, три, четири пет. Диши. Еден, два, три, четири, пет. Издиши. Кога ли ми пораснаа ноктите? Еден, два, три, четири, пет. Диши. Ја спуштив дланката на десното колено и приметив неколку милиметарско дупче на сините пижами од кое излегуваа неколку влакна. Мали, коленести, срамежливи, исправени како бебиња извичници. Еден, два, три, четири, пет. Издиши. Со показалецот си го допрев експонираниот дел од коленото и  за миг почувствував олеснување. Го допрев пак, но тие неколку милиметри не беа доволни за сатисфакција на мојата анксиозност и малку по малку почнав да ја ширам дупката, сѐ додека не стана толку голема што во неа можеше да влезе човек. Запалив уште една цигара (не тргајќи го погледот од фамозната дупка) и решив да влезам во неа. Станав, ја земав батериската ламба, си ставив неколку топли работи во ранец и влегов. Првите стотина метри не беа воопшто возбудливи: неколку десетици влакна се издигаа од коскената патека, а на ѕидовите од дупката (која почна да добива форма на пештера) имаше ранички стари неколку дена, веќе засирени и безбедни од инфекции. Но, како што одев напред, пештерата стануваше сѐ подлабока и мојата предавничка клаустофобија почна да се вљубува во неа,  додека сосем не ме напушти и ме остави сам со својата намуртена судбина. Одеднаш почувстував како нешто ме скокотка по левата нога: црвено џуџе-киклоп, облечено како војник од првата светска војна, со шлем на главата и минијатурна пушка со бајонет на рамото. Ме гледаше и трепкаше. Го прашав што бара во мојата пештера, а тоа ми рече: „Нарцис талкаше низ врелата пустина и бараше извор за во него да го види својот лик, но секаде околу него имаше само песок, шкорпии и коски од антилопи кои го загубиле својот галоп. Преморен и жеден, тој седна покрај еден баобаб и заплака толку силно, што пред него се појави длабок вир од солзи. Со последните трошки живот, Нарцис се наведна, го погали својот одраз и умре со насмевка која им ги стопли срцата на мршојатците кои кружеа околу него како приказни заглавени во ушите на заборавените времиња“. Потоа џуџето плесна со рачињата и јас се најдов во градскиот парк, окружен со соголени дрвја кои медитираа за своите идни пупки. Брцнав во џебот од капутот, извлеков празна кутија од цигари и опцув во себе. Дланките ми беа црвени и испукани, носот студен како летен коктел покриен со глечер. Седнав на првата клупа која ја видов (за им подарам малку мир на мислите) и не приметив дека до мене седи еден старец, сосем бел во лицето, невидлив како заборав. Му реков добар ден и нежно ја гмечев празната кутија од цигари која ми се смееше од удобноста на џебот. Старецот ја сврте главата кон мене и ми рече: „Триесет години собиравме пари да ја купиме куќата од нашите соништа во предградието, и неполна година откако се вселивме, таа умре. Ѝ пукна срцето... Не ми остана ништо освен тишината...“. Потоа стана, се поклони и замина по патеката опиена со сињак.

                                                                                    2.

Престанав да гледам вести, тв дебати и слични глупости од кои здравјето ми попушта како копче од војничка кошула сошиено со влакно од бебешка коса. Демек, да се прочистам. Тоа сум го правел и со малите порочни задоволства, тоа сум го правел и со луѓе. И секогаш почнувам одново: истите или слични претерувања од кои се раѓаат исти или слични каења и не верувам дека тој круг некогаш ќе заврши. Добро, ќе заврши кога ќе умрам, но ако го послушам Ниче, истите глупости ќе ми се случуваат и во моите идни животи како човечко суштество. Засекогаш. Пред некој ден влегов во моето атеље, го изгасив светлото над црвената работна маса и медитирав како си праќам порака до некоја моја идна инкарнација: Драг Л., колку да знаеш, еден ден и ти ќе седиш во некое мрачно атеље, најверојатно во истово, и ќе медитираш како си праќаш порака до некој следен ти, најверојатно сосем истиот ти, со вечно заплеткана коса, со премалку долен веш во фиоката предвидена за долен веш, и нема да знаеш каква порака да си пратиш, зашто и вака и онака, нема да се послушаш... Но барем вклучи ја ламбата над црвената работна маса (која, верувам, сѐ уште е непрактична за работа), зашто се плашиш од проклетата темница. Слушнав некакво шушкање и ја вклучив ламбата. Плашливко, го чув гласот од некоја моја идна инкарнација и сочно го опцув идниот јас.

Мојата песка ме гледа. Стрпливо. Нема поим дека еден ден ќе реинкарнира во човек, а јас сум доволно добро воспитан да не ѝ кажам. Станувам, ѝ го галам влакнестото главче, таа ми ја лизнува раката и задремува. По некое време ѝ доаѓа сонот и таа почнува да цивка и да прави гримаси полни со гадење. Сигурно сонува дека е човек.

Се повторувам. Тоа го правам секојдневно, но не како дел од некој ритуал. Мојот мозок, едноставно, го има фатено мрза и не сака да учи нови работи, одбива да биде алатка за истражување на непознатото и реши да молчи. Го прашувам зошто. Молчи. Му велам дека и телото страда поради таа негова одлука, но тоа не го интересира. Запали цигара, ми вели. Палам. Пушам. Ја гасам во пепелникот. Порано секогаш додавав малку вода во пепелта и ја користев како акварел, како рециклирана лоша навика. На здравје, ми вели мозокот и испива една шака апчиња за спиење, уредно сместени во чашка за ракија. Мозокот заспива, го покривам и тивко излегувам од собата. Можеби ќе сонува дека е пес. За среќа, телото ми е полно со свежи коски.

                                                                               3.

Телефон. Женски глас. Биди тука за точно половина час. Заборави? Не. Ти викнав такси, ќе стигне за некоја минута. Клик. Набрзина си ги измив забите и излетав од дома.

Стигнав на договореното место а неа ја немаше. Ѝ заѕвонив. Недостапна е. Гледам во нејзиниот број со часови. Сиот свет околу мене ужива: бебиња и мачиња, внучиња и кучиња, плажи и крштевки, хипотеки и умреници. Знае дека сум тука, знае дека ја чекам. Ме демне. Лежи во својот безбоен кревет и очите ѝ светат како свежо наострена гилотина. Од нозете ѝ растат француски пудли, од ушите ѝ извираат срцепарателни погледи. Сиот свет околу мене мижи. Никој не сака прв да ги отвори очите.

Со твојата коса плетам морзеови пораки кои капат како солзи врз заспан тротоар.

Ти секогаш молчиш.

Очите ти се гласот на ветрот кој одамна нема задувано.

Ме сакаш?

- Те сакам.

Те сакам.

Коментари


Остави коментар