logo

# Приказни

АСАСИНА

насловна слика

Таа немаше убиено никого, и поради тоа соучениците често се подбиваа со неа. Одделенската наставничка беше загрижена за неа и ги повика нејзините родители на разговор. „Видете”, им рече на родителите на девојчето, „Асасина има речиси 9 години, и сè уште нема извршено ниту едно убиство. Дури и најлошите ученици имаат барем по 2-3 убиства зад себе, а не знаат ниту да читаат и да пишуваат како што треба. Ако не направите нешто во врска со тоа, ќе мораме да преземеме драконски мерки”, им соопшти со монотон глас, извади минијатурен пиштол од бирото и го застрела пајакот кој плетеше мрежа на ѕидот над верскиот календар. Родителите на Асасина беа тажни и лути. Тажни поради тоа што нивната ќерка очигледно има проблеми на училиште, лути затоа што во очи ги лажеше дека тоа полугодие убила 3 баби и едно бебе. „Аси”, ја викнаа штом се врати дома. „Дојди, седни тука. Денес имавме средба со твојата класна. Ни кажа сè.” Очите на Асасина се наполнија со солзи. „Знаеш ли што сè направивме за да те запишеме во ова училиште? Дали ти е јасно дека ова е едно од најпрестижните основни училишта во државава? Знаеш ли...”, мајка ѝ се онесвести од тага, а татко ѝ ѝ плесна силна шлаканица. „Види што направи... проклета да си...”, ѝ рече со глас полн со презир. „Губи се одовде! Да не си ни се појавила пред очи пред да убиеш некого!”, за’ржа. Асасина влезе во својата соба, седна на креветот со розова постелнина, и долго гледаше во кадифеното мече што го доби на подарок од дедо ѝ неколку дена пред да го заколат. Потоа стана, го зеде џебното ноже од работната маса, и со него му ги извади очите на мечето и му ја пресече главата. Почувствува големо олеснување. Истото го направи и со останатите играчки: ги масакрираше сите. Киптејќи од радост, од кујната го зеде големиот остар сатар, влезе во спалната на нејзините родители кои спиеја во барбитуратен сон, ги исецка на стотици парчиња и со нив ги нахрани маалските кучиња и мачиња. Откако заврши со хранењето, Асасина седна на бетонските скали пред влезот на зградата во која живееше, спокојно ги затвори очите и тивко запеа. Беше пресреќна: училишната година сепак ќе ја заврши со одличен успех.

Коментари


Остави коментар