logo

# Приказни

АМЕРИКА ЦЕЛА ДА Е, СЕКОЈ ДА ЈА ЗНАЕ

насловна слика

Никогаш нема да ја видам Америка, си помислив додека стоев на врвот од облакодерот и си играв со гугутките кои ме бодреа да скокнам. Летањето е прекрасно, ми гугаа, иако твојот лет ќе трае кратко. Една лебарка која ни го прислушкуваше разговорот, зема залет и скокна: Вииииииииии, викна кога исчезна кровот под нејзините нозе и почна да паѓа како лист од даб на крајот од летото. По неколку минути се приземји, ја истресе гравитациската прашина од мазното тело и заврши под нозете на еден бизнисмен во скап костум. Америка не е ништо посебно, ми рече еден јастреб; Вујна ми беше таму, изеде врабец од заштитен вид и заврши во електичен кафез. Облаците над мене се спремаа за бура, еден психолог ме советуваше дека животот е прекрасен, булеварот се исполни со екипи специјализирани за вакви ситуации, американскиот амбасадор ми нудеше инстант виза и купони за бесплатно кафе во Старбакс, еден книжевен критичар ми рече: Престани веќе да набројуваш и заврши го овој проклет расказ, аман. Имам роман за рецензирање!

Никогаш нема да ја видам Америка, му реков низ солзи на зен-мастерот кој левитираше над мојата глава. Голем кур, ми одговори.

Коментари


Остави коментар