logo

# Приказни

5 Знаци дека тој не сака повеќе да е со вас

насловна слика
Понекогаш сакате само да се опуштите и не само што не ве интересира дали ретрограден Меркур влегол во 6-та куќа, туку ви чуе и вие во куќа сте влегле. Ова е брз начин на живот, обврски насекаде околу вас и вие немате време да размислувате за тоа што размислува тој и дали воопшто размислува. Ова се само неколку знаци, кои би ви помогнале да не ризикувате и се впуштате во сериозна врска или скраја да е да размислувате на брак, со шарлатан. Многу е битно, без зборови да имате можност да препознаете некои знаци, од единствена причина да не си го губите времето, оти времето е пари, парите го вртат Светот, а ако Светот прекине да се врти, сите би биле направени палачинки во милисекунда во правец исток. Има многу знаци, но ако сте почетник, повелете 5 Знаци како да препознаете дека тој не сака повеќе да е со вас. 1. Изгубил интерес за вас. Порано, тој знаел да гледа во вашите очи и заинтересирано да го слуша секој ваш збор, но утрово, откако се отрезнивте и откако ве праша како се викате и во која населба се наоѓа, чувствувате како да изгубил интерес за вас. Претходната вечер беше запнал со што ќе се напиеш та што ќе се напиеш, а утрово чаша вода не му текнува да те помоли. Од една страна не е дома, ти си си дома, можеби ти треба да му понудиш вода, да... но ете замина!? Вака така, ама можеби ова е сериозен знак дека не сака повеќе да е со вас. 2. Нема муабет. Ве игнорира или тотално не ве перцепира. Порано во врската (вчера во Балет после 3 по полноќ), знаевте да разговарате буквално за се, дури и за безвезе работи што немаат смисла. Сега, 6 часа подоцна, одлучувачки момент пред да стане врската сериозна, само молчи и си ги бара чевлите со кои дошол, не му е до муабет, гледа често во мобилниот, не ви е јасно која е таа Вики од која има 12 пропуштени повици!? Се прашувате дали му е сестра!?, Се прашувате дали сестра му е помлада или постара од него!? Се прашувате како ќе ве прифати сестра му и дали ќе ве засака!? Се прашувате а што ако има 2 сестри!?... Од друга страна, можеби нема сестра и ова е знак дека не сака повеќе да е со вас. 3. Презафатен е за вас. Си оди од кај вас, убаво сте си поминале претходната вечер, непотребно се надевате дека и него му било убаво, па додека си ги облака чорапите го прашувате дали ќе се видите деновиве. Тој ви вели дека е презафатен деновиве. Вие му велите да се видите кога е тој слободен. Тој ви вели дека е зафатен периодов. Вие му велите... Тој ве прекинува пред да му велите и ви вели: - Види Нина,... Вие го прекинувате и му велите: - Но јас не се викам Нина... Да не должиме, тоа што е презафатен, најверојатно е знак дека можеби не сака повеќе да е со вас. 4. Исчезна искрата. Имало време кога не сте можеле да тргнете раце еден од друг, сте рушеле рекорди во лапање, но сега, само 2 минути од последната негова блажена состојба, веќе не е тоа тоа. Забележувате дека чачка во телефонот на некој си сајт Кооперација, ништо не ви е јасно, како да е сосема друг човек од пред еден час, моментот кога го запознавте. Ова можеби е и сериозен знак дека не сака повеќе да е со вас. 5. Кога сте некаде, него не му е гајле каде сте. Порано, мораше да знае каде се наоѓате во секој момент, над него, под него, едноставно не ве испушташе од раце, а сега веќе некако го заболе, се чувствувате изигнорирано, изневерено и тоа ви смета. Затоа за да го испровоцирате и привлечете внимание знаете да кажете: - Ќе одам до кујна. Тој не реагира! Па велите: - Ќе одам до тоалет. Тој не реагира! Па решавате да нанесете конечен удар и да ја разбиете таа негова незаинтересираност и му велите: - Ќе си одам дома!!! Тој, во истиот момент, крева глава и ви вели: - Да ти викнам такси!?! Да не се зезаме, но постои можност ова да е знак дека не сака повеќе да е со вас. ... Следува:  => Знаци дека имате проблеми со џигерот => 77 Знаци дека не сте и втор

Коментари


Остави коментар