„Ќе одиме у Багдад кафе“, ми рече Кечер.
„Не ми се оди,“ одговорив.
„Ајде, ќе скокнеме до Џаџо после,“ додаде. Тоа ми се чинеше ок. Тргнавме.
Багдад Кафе не ми се допаѓаше, за разлика од неговиот наследник Њу Ејџ кое што ми стана омилено место подоцна, но Џаџо и Дваескец во Домот на занаетчии беа совршени места за мене – сирови, искрени и алтернативни, без чајчиња и интелектуализам, без филозофија и ориентализам, сè што му беше омразено на мојот металски и панкерски ум од тоа време. Но, човек се менува и созрева дури може, дури машината на секојдневието не го сомеле и исплука нешто што повеќе не наликува на него, туку на сите други – во едно големо тенџере ајвар.
Поранешна Југославија на големо вриеше, за разлика од Чешка и Словачка кои се поделија мирно, а светот ни најмалку не се грижеше за војната сред Европа, зашто за нив ние не бевме Европа, туку провинција, балканијада, валканица која што треба да се истрие од ѓонот на нивната свест. Но, зошто би се грижеле, кога во светот се водеа уште минимум десеттина граѓански војни за кои што исто така не им беше гајле. Гватемала, Ангола, Авганистан, Судан, Шриланка, Либија, Руанда, Сиера Леоне, Алжир, Таџикистан, Бурунди… да споменеме само неколку.
Recipe For Hate на Bad Religion звучеше како совршено име на албум за тоа време, но мене не ми се допаѓаше. Ми се чинеше дека хардкор панкот е мртов, а тој повторно воскресна на поинаков начин со песните на пост-панк бендовите како Fugazi или со гранџ призвукот на Mudhoney кои ги слушав до полудување на домашните и на соседите.
I Will Always Love You од Whitney Houston завиваше на телевизорот и јас го изгаснав со гадење. Сакав врескање од поинаков вид, гласно панкерско дерење и шуштење на касетите кое некогаш беше погласно од самата музика. Следниот албум на Nirvana по Nevermind не беше таков, а нивниот настап на MTV Unplugged ме разочара. Се чинеше дека гранџот беше во криза. Сепак, алтернативната музика не застана по падот на Nirvana. My Name Is Mud на Primus воведе еден нов звук и нова свесност во мојот живот, како и Дисциплина Кичме и други необични бендови кои ги пронаоѓав на мојот неделен аџилак – одењето пешки од Дебар Маало до новата железничка станица каде што се наоѓаше продавницата за касети, Поп Топ.
И покрај негодувањата на мојот музички „совозач”, Вла, музиката можеше да биде силна и забавна воедно, што ми се допаѓаше како концепт. Buka u modi трештеше од моето стерео. Бев втора година средно и ми се чинеше дека можностите пред мене се неограничени.
Домашното списание за алтернативна култура Тротоар, се појави во вистинскиот момент, токму кога All That She Wants на Ace of Base или Informer од Snow секојдневно вршеа атак на нашите уши. Конечно можевме повеќе да научиме за нашите идоли во време кога немавме интернет и не можевме со еден клик да дознаеме сè што сакавме. Нарачувавме книги од странство и одевме во Универзитетската библиотека, копиравме и препишувавме текстови, но не ни беше тешко, зашто бевме жедни за знаење.
Металот еволуираше. По смртта на Metallica не останаа многу бендови кои би нè протресле, со искучок на Sepultura кои го продолжија нивниот општествен ангажман со Territory, што не беше вообичаено за металските бендови, а во нашата поранешна држава се водеа жестоки битки за територии. Порано нè прашуваа „Кој си, од каде си?“ со интерес и желба за споделување, но сега одговорот беше само „За никаде сум.“
Гитарата од Numb на U2 за’ржа и го фати светот неподготвен. Музиката стана отчукување на срцето, ротор од машина, мотор од автомобил… Ја слушав и размислував на „моите“ Einsturzende Neubauten кои тоа го правеа со години претходно... Се чинеше дека поп-рок музиката еволуира и фаќа чекор со рапот кој што секогаш експериментираше. Insane in the Brain на вечните Cypress Hill или Bacdafucup на краткотрајните Onyx внесуваа свежина во сцената, а Body Count го мешаа металот со рапот на сосема нов начин и тоа ми се допаѓаше. Да тресеш глава на рапување беше предизвикувачки концепт. Моите металски пријатели ме задеваа заради ваквите интереси, но тоа е една сосема поинаква приказна.
Ова е приказна во која југословенската тенисерка Моника Селеш беше нападната и нејзината кариера од тогаш никогаш повеќе нема да биде иста, а нејзиниот напаѓач ќе биде минимално казнет. Но, тоа беше само уште една неправда во 1993-та на која светот замижа, само уште една причина за спуштена глава на обичниот човек и потонатост во себеси.
На MTV ја даваа Sober на Tool. Се запрашав „Дали сме сите само заробени кукли во кутиите на сопственото постоење?“ Целата земја чиниш беше затворена во сопствениот свет – непризнаени од никого, се боревме, но борбата нè измори, а транзицијата уште повеќе, луѓето лево-десно губеа работа и музиката како Human Behaviour на Björk или албумот Into the Labyrinth на Dead Can Dance ми се чинеше совршен саундтрак за ваквата атмосфера. Влеговме во лавиринтот на транзицијата од кој што сè уште го бараме излезот.
-----------------
Извадок од книгата „3 минути и 53 секунди“ (2015) на Берт Стајн која беше во финале за наградата „Роман на годината“ 2015 на Утрински Весник. Превод на книгата на англиски јазик насловена Three Minutes and Fifty-Three Seconds излезе во декември 2019 за престижната издавачка куќа Dalkey Archive Press.