Невраменици
си ги замислувам световите
на своите пријатели. сите тие
неврамени приказни во нивните
глави. сите тие чкрабаници што
излетуваат од меѓите надвор. тие
подвиткани ќошиња од страниците
и тие испоподвлечени редови.
сите тие канаринци што им пеат
во главите и сите виножита што
им се прелеваат и што им се излеваат
во погледите. сиот немир им го замислувам
и сите улавшитни и сите улишта со пчели
што им зујат во ушите. и зурлите и тапаните.
и аритмијата на срцата и чекорите од кои
неправилно им се лижат кондурите.
будали, будали луѓе!
невраменици. кој од кој
понесаглам. кој од кој
посаглам. оди па не ги
љуби! оди па фати им го
крајот!