Меѓу тие луѓе
и ќе отидеш таму
меѓу тие луѓе и
ќе си муабетиш и
ќе се смешкаш
и ќе кимаш со главата
и ќе повторуваш учтиво:
да, да. па како не. па како не.
и ќе кажеш и ти нешто паметно.
нешто негде прочитано. цитат некој
или само алузија. и во едната рака ќе држиш
чаша црвено вино, а со другата ќе мавташ.
ко сѐ да е ко што треба.
а си знаеш ти дека не е.
знаеш дека поради нешто
не треба да си таму,
дека поради нешто не треба
да се смешкаш,
а и црвот, еве го, почнува да те грицка.
а ти си се смешкаш.
а црвот те грицка.
се смешкаш. те грицка.
се смешкаш. те грицка.
се смешкаш. те грицка.
сѐ додека едно утро не ја здогледаш
во огледалото брчката над устата
и не почнеш да се грицкаш,
а црвот да се смешка.