logo

# Ново

Промоција на книгата "Кралицата ќе издржи" од Весна Кираџиева, во издание на Кооперација

насловна слика

На 22 декември 2021 година, во Аудио култура, со почеток во 19.30 минути, се одржа промоцијата на втората книга на Весна Кираџиева, шесткратна атлетска шампионка на Македонија во маратон. „Кралицата ќе издржи“ е продолжение на првата книга со наслов „Издржи кралице“, на која Кираџиева се потпишува како коавтор заедно со нејзиниот брат.

„Кралицата ќе издржи“ претставува обемно и сериозно четиво, многу повеќе од само „обична“ книга за трчање и атлетичари. Дел патописи, дел интимни исповеди во вид на извадоци од личниот дневник на Кираџиева, но и субјективни согледувања на реалната состојба на спортот, односно атлетиката во Македонија. Добро истражена и структурирана, напати сериозна, но истовремено проткаена со многу хумор и топлина, како и одлични совети и предлози, „Кралицата ќе издржи“ е практичен прирачник за животот. Пораките коишто ги пренесува авторката се универзални – важноста на образованието, истрајноста, издржливоста и мотивацијата како двигатели во остварувањето на соништата, но и неопходноста од поддршка и човечка емпатија во еден суров свет како денешниот.

„Кралицата ќе издржи“ е во издание на нова македонска издавачка куќа, „Кооперација“, а книгата на Кираџиева е „првенче“ за нив. Генералниот директор и уредник на „Кооперација“, Томе Костадиновски, истакна дека во иднина очекува многу успешни проекти и соработки, особено со домашни, македонски автори.

Книгата „Кралицата ќе издржи“ на Весна Кираџиева може да се купи во сите поголеми книжарници низ Македонија, како и на веб страницата agenda.mk.

Коментари


Остави коментар