logo

# Критика

Животот во државата прогласи lockdown

насловна слика
Каква страшна животна сага, тага и смртна рана за мајката?! Какви паушални изјави на најодговорните за случајот со човекот, не овчарот или сиромавиот, туку синот, Човекот Златко Божиновски кој почина поради пропаднат систем. Голема работа направи тимот кој пет часа на носилка го носеле низ непристапен предел за да му го спасат животот. Секоја чест за таквите луѓе-херои кои се светол пример, за нив денес се почитува и слави Светскиот ден на здравјето и здравствените работници, но, НО, ете како ова не смее да помине без одговорност и системски промени. Во вакви моменти на секој од нас му е преку глава од керамидите на Стојанче, разно-разни генерали, шерифи, а уште повеќе од нестручноста, непрофесионалноста и целосниот крах по секоја цена да се презентира филувано со одвратна слаткоречивост ужасот кој ни се случува.  „Може да биде и полошо“ не смее да биде некое површно извинување. Не, не може да биде полошо од ова. Докторите се борат, медицинските сестри, преморени се сите кои се активен дел од ова секојдневие, но за жал нашите животи и државата полнат информации во категоријата црна хроника, како таа да е единствена рубрика. Фактите говорат дека болниците во голем дел се во хаос и од самите вработени, метежот кој го создаваат, брзите прегледи по ходници и делењето несигурни дијагнози, нерамноправноста на пациентите. Нека овој ден, во најстрашната година на ковид пандемијата која ја живееме биде момент во кој и самите чинители на здравствениот систем ќе се запрашаат што се случува и зошто оставиле да дојде до овој степен на распад. Животот ни стана голтање катастрофи за доручок, статистика на изгубени животи јадеме за време на ручек и други социјални трагедии за вечера (овде имаме поголем избор) - да не знае човек со кого попрво да сочувствува...  Пловиме во море од жални дојави, „нека му е светол патот“ ни стана секојдневна изречица. Многу си отидоа, а уште повеќе се гризат одвнатре, константните проблеми не трујат, а тоа му дава дополнителен простор на вирусот да нападне. Слабите се поизложени и поранливи, а ние како општество целосно заборавивме на нив или свесно го игнорираме фактот дека многумина имаат потреба од помош, а пореална слика од таа за што е тоа што ни се случува - нема. Не луѓе, ова веќе не се бели лаги и ова е далеку од: „ги лажеме најмилите за да се заштитиме самите себе си од болката.“ ______________________ Илустрација: @musketon

Коментари

LI59Dp34NFHXDu5uhyAOCCQA0tQ4Qvbk1AmQpDdn

Сфака час!


Остави коментар