logo

# Критика

Зимска приказна

насловна слика
Сега и текна да ме станува од спиење. Само што ги облеков вториот пар чорапи. Навистина го губи умот. Ме тера да чистам снег пред врата. А јули е. Да, јули е. Температурата во овие години се намалува. Се мислам дали одиме кон ново Ледено Време. Ги симнав да ги гледам Ice Age, добри филмчиња. Да не подготват за она што доаѓа. Ми се чини дека нема време. Исчезнуваат многу работи, набрзо и годишните времиња. Летото ќе остане само музичка композиција на Вивалди, а дали и тоа. Сега ја слушам Пролет, баш од него, изгледа и таа е на изумирање. Ја земав лопатата и почнав да удирам по тротоарот. Стварно полудела, ама пак и јас не сум нешто поарен. Удри, мавни! Удри, мавни! Пукна. Леле, ене го Круме. Значи не го можам. Се шета на хавајки. А знае дека има глобално затоплување. Се прави паметен, вели владата ни го заладувала времето, абе оди легни си!  Ќе му ја удрам една. Само ако дојде и пијандурски се испонаша! Еве го, доближува, да, да, по хавајки е и искината маица, целиот се тресе, ама не се дава, стара крв јуначка, издржува! Само да не испадне оваа, леле ќе морам да ринам пак. Круме, немој да ме предизвикуваш! Се приближува, сега, сега му е мајката да го удрам! - Јанееееееее. - се слуша глас во поздината. Не, зошто сега! Не ме прекинувај во овој момент. Каква драма, каква приказна ќе излезе! - Кажи мама? - Чистиш? - Да, ќе одам и на чичко Круме да му помогнам, еве го иде. Леденото Време доаѓа, а јас уште не сум променет. Чичко Круме ми дава по сто денари да го зачистам и неговиот двор. Мајка ми ми дава само педесет. Ќе земам ќе се преселам кај чичко Круме.

Коментари


Остави коментар