Скапите играчки на богатите
Интересно е тоа што Бојко Борисов сѐ уште стои на својата изјава од минатиот месец, во која на прашањето како ќе им се помогне финансиски на бизнисмените како би можеле тие да ги рефундираат платите на нивните вработени, тој тогаш навидум на шала кажа да продадат барем по едно од нивните луксузни возила и со тоа наместо да бараат помош од државата, сами да си го решат овој “горлив“ проблем.
Денес тоа повторно се актуализира, всушност Борисов излезе со нова изјава во која набројува возен парк кој го поседуваат овие богати бизнисмени, а во која листа имаше наброено повеќе од 1000 автомобили со просечна сума од 500К евра за најевтините, па нагоре. За луѓе како нас, кои секојдневно се борат да преживеат од ден во ден, овие брендирани автомобили се само фантазија, и тоа таква фантазија што е лудо и незамисливо да се гледа на интернет, а уште повеќе да се “занесува“ дека ваков автомобил еден ден би можеле да имаме во лична своина. Да, во време кога коронавирусот ете како ја дотолчува слабата економија, а тоа претставува основен проблем за огромен процент од населението, интересно би било кога би слушнале со какви играчки си играат нашите богаташи. Со име и презиме, со сликичка, со каква боја се и сл. Несомнено факт е дека и (Северна) Македонија има фраери, бизнисмени кои во своите домашни паркинзи имаат и по неколку такви луксузни “летачки објекти“. И како што тој додава: „ во сиромашна Бугарија има три Бугати како на Роналдо, дури 241 Бентли, 123 Ферари, 54 Мејбах, 22 Мекларен, 87 Ламборџини, 311 Масерати, 84 Ролс Ројс, 280 Хамери, 400 Јагуари, скоро 5 000 Поршеа… “
Секако, нашата земјичка е многу помала, а и нашите богаташи се малку победнички од тие во соседството, но ова би бил интересен предизвик за новинарите кои се лепат на истражувачки стории, а за нас просечните граѓани ова би било чоколадно обланди со кое би ни се стабилизираш шеќерот во овие вирусни денови.
А дека имаме богати бизнисмени со луксузни играчки, имаме, не ретко ги гледаме како се фалат низ градовите, а уште повеќе на социјалните мрежи. Ги гледаме како ги прекршуваат законите додека “пичат“ по булеварите и како за нив не постои ред и мир кој треба да го почитуваат. Тие се своевидни богови на асфалтот.
Оти на крај се покажува вистинското лице, тогаш кога сиромав ќе се пожали на некој побогат и побара помош, богатиот жално, но вистинито излегува посиромав и позаглавен во долгови од оној кој проси, начесто за основни намирници за егзистенција. Да направиме ли отворени донации со кои би им помогнале на овие моќници да не ги остават своите вработени на улица, а истовремено да ги зачуваат и своите авиончиња, глисерчиња, колички и моторчиња?
Оваа листа би била прекрасна, нели? Плус, да не се прескокнат и играчките на верските лидери, оти и тие не се нешто покусо од другите.