,,Паразит“ – Скалилата на класната борба
Оригинално објавено на гледај.мк
Режиja: Бонг Џoн-Хо Сценарио: Бонг Џoн-Хо, Хан Џин-Вон Улоги: Сонг Канг-Хо, Ли Сун-Кјун, Чо Јео-Јеонг Директор на фотографија: Хонг Кјун-Пјо
На секоја листа на најдобри филмови за изминатата година се забележува едно многу едноставно и впечатливо име – ,,Паразит”! Тој во себе ја има познатата источна естетика, а тоа е естетиката на насилството помешана со еден многу свеж и допадлив хумор кој наликува на шпанските филмски комедии од 20 век. ,,Паразит” деконструира една многу позната филмска тема, која својот врв го доживува во достигнувањата на Луис Буњуел, а тоа е класната борба и последиците од класната раслоеност во современиот свет. Капитализмот навлегува во самата душа на поединецот и ги растура врските што тој ги гради со своето семејство и со околината. Токму тука Бонг Џон-Хо ја вметнува својата емпатија како уметник за да даде приказ на едно токму такво растурено општество. ,,Паразит” не случајно е еден од најнаградуваните филмови за претходната година, а неговото највисоко достигнување е ,,Златната палма” на Канскиот филмски фестивал. Изминатиов месец тој се закити и со шест номинации на Оскарите, меѓу кои и онаа за најдобар филм.
,,Паразит” започнува како игрива ренесансна комедија, каде едно сиромашно и суеверно четричлено семејство (кланот Ким) кое по добивањето на еден мистериозен камен кои тие веруваат носи среќа и просперитет влегуваат во с’ржта на една индиректна класна борба, со цел да ги надмудрат богатите и елитни членови на семејството Парк. Итроштината и снаодливоста на семејството Ким е ставено во контраст со одвоеноста од реалниот живот и битисувањето во своето стаклено ѕвоно на семејството Парк. Во суштината на конфликтот се привилегиите и позициите што Парк ги имаат во општеството кои се нивна ахилова пета, тие не ги разбираат луѓето кои се борат за корка леб од ,,долниот” дел на градот. Двете класи егзистираат во два одвоени, комплетно сегрегирани светови. Двата света се поврзани меѓу себе со долги и високи скалила кои се чини од едната страна водат до подземјето, а од другата кон небото. Најголем дел од филмот е токму сцените на искачувањето и симнувањето на семејството Ким по тие скалила, кои симболично може да ги наречеме скалила на класната борба. Тоа издигнувања и спуштање е постигнато преку монтажата која разиграно доловува како некој се ,,искачува”, но како и драматично ,,паѓа” од еден општествен слој во друг.
Класната борба има брутален завршеток, пропратен со трагичната меѓусебна борба на пониските класи, кои за дури и мал вкус од привилегиите на Парк спремни се себеси да се испоколат еден со друг.
Општеството на ,,Паразит” е неправедно во својата суштина. Пред природата сите сме еднакви. Но по една голема бура и поплава, богатите можат безбедно да си продолжат со животот, додека сиромашните може многу изгубат, дури и својот дом. Скалилата во филмот се основното изразно средство на Џун-Хо кој често користи и музика за да долови одредени комични ефекти од плановите и триковите кои Ким ги користат за да ги надмудрат Парк. Како и секогаш поради сериозноста на социјалната тема која ја обработува ,,Паразит” мора да се додаде и малку ,,ослободување”, или фројдовски кажано ,,испуштање” на тензијата, преку хуморот, кој на моменти е и авторефлективен за ликовите, кои само се трудат да ја надмудрат системската игра на капитализмот и класната стратификација.
,,Паразит” e мостот кој полека, но сигурно ќе ја доведе азиската, и пред се јужнокорејската кинематографија до очите на најобичниот светски гледач. Се чини дека сензибилитетот и естетиката на источните народи доловува една нова перспектива на класните теми кои егзистираат на филмското платно уште од неговиот зародиш.