logo

# Критика

Осврт кон претставата ,,Сестрите Прозорови"

насловна слика
,,Сестрите Прозорови” - Полифонично реобмислување на концептот на лудило во брехтијанска форма  Режија: Васил Зафирчев Драматург: Сашо Димоски Улоги: Кети Борисовска, Маја Љутков, Славица Манаскова, Жарко Спасовски, Фаил Мефаилоски Театарот е свет во кој се влегува, а повремено и се излегува, за преку тој свет да го толкуваме нашиот. Понекогаш не знаеме кога сме го пречекориле прагот на тој свет или кога едноставно театарската реалност го потопила нашето битие и од нас почнала да ги вади тешките прашања кои неиспровоцирани и задремани тлеат во нас.  Претставата ,,Сестрите Прозорови” во изведба на Театарот Јордан Х. К. Џинот од Велес е добар провокатор да извади на површина некои од овие задремани прашања кои во нашето колективно несвесно битисуваат безформни и неврамени. Уметноста им ја дава таа рамка каде колку-толку имаат простор да се изразат и тие самите, а преку тоа изразување да разбудат и некои работи во нашата свест.  Имено, се работи за навидум две приказни - една документарна(криминална) од 50тите години на минатиот век во САД, а другата фиктивна(семејна) преземена од драмата на Чехов, Три Сестри кои се сретнуваат во оваа претстава, како комуникација меѓу реалноста и театарот. Судбината на трите сестри кои повремено си ги менуваат индентитетите, та стануваат час заробените девојчиња од Алабама, час сестрите Прозорови од Русија. Експерименталниот пристап на авторите во претставата овозможува таа да има полифоничен карактер(повеќезначен). Темите и тематиките кои се начнуваат во неа постојат отсекогаш, но во едно руво на перформативен спектакл ни се доловени со цел да предизвикаат бомбардирање на нашата истрошена психа. Всушност говорејќи и на нашата психа претставата го открива и клучниот и централен концепт за себе - лудилото или последиците од него преку современите форми на Брехтијански театар. Verfremdungseffekt - Првиот начин  на кој претставата ни говори нам и си говори себе е неоспорно преку познатиот ефект на дистанцирање (Verfremdungseffekt) на Бертолт Брехт каде публиката секогаш треба да е свесна дека гледа претстава. Ова е постигнато преку неколку техники како ,,кршење” на ѕидот мешу публиката и актерите, каде Лекарот(Фаик Мефаилоски) директно ни се обраќа нам и во улога на наратор ни ја открива предлошката на приказната. Посилниот акцент оваа техника во оваа претстава го има сепак преку тоа што претставата е почната уште пред да почне, односно пред формалниот знак за почеток ние ,,влегуваме” во спектаклот како да актерите веќе се во својот ,,свет”. Ова го овозможува посакуваното дистанцирање на Брехт да добие едно уште поголемо значење со кое авторите не подготвуваат за ,,тероризирањето” кое следува.   Неопримитивизам - Танцот,  тапаните, криците, потсетуваат многу на една плеолитска сцена, каде лудилото се вратило на своите праисториски изразни средства. Сестрите во претставата се обезличуваат и обесчовекуваат како повеќе и повеќе сме сведоци на нивната колективна мака која трага кон примордијалното каде едно фројдовски кажано ИД(најдлабокиот аспект на несвесноста), кое се бори со тешкотијата која ја претрпело. Историцизам - Брехтијански претставата референцира кон историски настан и се доживува себеси како да има вистинска приказна од која таа ги трпи сите последици од реалните настани кои некогаш се случиле. Тоа овозможува публиката да се доближи поинтимно до животните судбини на ликовите кои непречено разговараат за вистински случувања кои цело време повторно и повторно ги живеат. Еден живот неколку пати изживуван до премор.  Психодрама - Преку ликот на Вершинин(Жарко Спасовски) ние сме соочени со човек кој упорно сака да си игра психодрама. Техника на психотерапијата каде ликовите го играат повторно доживувањата кои ги довеле до тешката психичка состојба и се на пат на едно себеоткривање за тао што се случило. Вершинин е таа маша која го подгрева дејството да можеме да го доживееме на тој начин. Античка Трагедија - Во криците на ликовите можеме да го забележиме и инфантилното лудило на некои антички драмски ликови, посебно оние каде што женската психологија е доведена до својот врв. Со тоа претставата оддава омаж и на овој дел од театарската историја. Постмодернизам - Постмодернизмот е одлично место да се сретнат Антиката и совремието најмногу поради неговата можност тој да трпи различни омажи, коментари и повикувања на минати авторитети. Интертекстуалната структура на драмскиот текст не го изоставува и овој елемент во својата експерименталност.  Лудилото секогаш копнее кон недостижност. Па така и за нашите заробени сестри во сопствените посттрауматски лавиринти е невозможно да стигнат до Москва, која индиректно е прикажан како еден идеал кој мора да се постигне со цел да има комплетно нивно ослободување, а ако не тие се заробени како ликови постојано да ни ја играат претставата потсетувајќи се себеси и нас за еден кршлив аспект на човековото постоење - неговиот ум. 

Коментари


Остави коментар