logo

# Критика

,,Нож во грб“ – Свежа интерпретација на ,,whodunit” жанрот

насловна слика
Режиja и сценарио: Рајан Џонсон Улоги: Даниел Крег, Кристофер Пламер, Ана де Армас Директор на фотографија: Стив Једлин Оригинално објавено на гледај.мк Жанрот што  последниве неколку децении паѓа во сенка на својата златна ера од 30 до 50 години на Холивуд е крими трилерот или филм ноарот (црн филм). Многу од филмовите пo оваа хиперпродукција на жанрот сепак повторно си завземаат достојно место под термиот ,,нео ноар”(нов црн филм) како што се ,,Доверливо од ЛА” или ,,Кинески кварт” кои многу критичари ги сметаат за најдобри во својата година, па дури и деценија. Каде исчезна од Холивуд таа магија на продукција на добри крими-приказни и сценарија кои изобилуваа со Хичкоковата напнатост и заплетеност на романите на Агата Кристи? Самата Кристи исто твори во тој период и е основа за многу филмови од денес заборавениот жанр кој таа го донесува до совршенство, а тоа е своевидната ,,whodunit” мистерија или ,,кој е убиецот” доведена до маестрален расплет во ,,Убиство во Ориент Експрес” и ,,Десет мали црнци”. ,,Нож во грб” не се води на носталгичноста или пастишот на овој жанр, туку напротив дава една свежа интерпретација, зачинета со пристојна доза црн хумор каде филмот не се обидува да поентира на евтина деконструкција на жанрот преку хумор, туку себеси се третира сериозно и самиот жанр почнува дури и да го надополнува и реобмислува.
Она што е интересно за ,,Нож во грб” е дека е филм за кој има увереност дека гледачот некаде, некогаш го гледал, но моментот кога тој ќе стане премногу предвдлив, ги превртува нашите очекувања со една нова свежа перспектива на архетипите на крими и ,,whodunit” жанрот. Тој започнува класично, со класичен заплет, убиството на богат писател на крими романи, кој зад себе има огромно наследство, со што мотивот некој од семејството да го убие станува очигледен од самиот почеток. Наследниците како осомничени се плејада чудни и магливи ликови кои сите имаат барем една причина да го сторат убиството. Сепак првиот момент на расштимување на жанрот се случуваат токму во кастингот, со влезот на Даниел Крег, детективот кој мистериозно е најмен да го реши случајот. Крег во оваа улога треба да го толкува стереотипниот детектив сезнајко а ла Херкул Поаро или Шерлок Холмс, но тој дава една своја интересна перспектива. Во ликот на детективот вметнува можност за една човечка немарност и наивност. Тоа дава една различност во дејството на приказната така што Беноа Бланк(ликот кој го игра Крег во филмот) не е воден само од интелигенцијата и искуството, туку и од интуицијата.
Филмот од калсичноста на ваквиот жанр го има и аспектот дека функционира како една голема сложувалка. Нелинераниот начин на раскажување полека ја пополнува сложувалката која исто така е доживеана од неколку различни перспективи на луѓето кои Бланк ги испрашува. Флешбекот е основно изразно средство кое помага во составување на мозаикот чија полнота е пред нашите очи, но не може да се види поради впечатливиот начин на кој таа е сокриена во сценариото. Преку расплетот на приказната се доживува  и самото ,,расплетување” на мистеријата содржана во ликовите кои самите по себе нужно се расплетуваат како дејството се движи кон крајот. Овој линк помеѓу добрите ликови и содржајна приказна е типичен за филмови со добри сценарија, каде едното со другото се надополнуваат. Секој лик во овој филм може да биде главен во своја посебна приказна или посебен филм, силината на тоа како тие го движат дејството кажува дека на почеток преку сите нив се добива големата слика, за подоцна приказната да се концентрира само на неколку од нив. Со ова се добива реминисценција на филмовите кои беа споменати на почетокот чија главна карактеристика по нивното гледање во кино била дека имаат задоволителен крај, кој соодејствува со заплетот на почетокот. Оваа класична, а сепак нова приказна дава надеж дека Холивуд не го заборавил крими жанрот и дека неговите потенцијали наскоро ќе се облечат во ново руво, уште повеќе со фактот дека на овој филм неодамна му се најави и продолжение.
Кирил Дончов

Коментари


Остави коментар