logo

# Критика

МОНОДРАМА: Важноста да се биде Понеделник

насловна слика

Важноста да се биде Понеделник

Лица: Понеделникот

Време и место: Помеѓу недела и вторник

Сцена 1:

Празна сцена. На подот расфрлани календари. На сцената возејќи велосипед влегува човек со раскината облека, на лицето и на облеката има напишано вулгарни навреди и зборови. Запира среде сцената.

Понеделникот: Што е?! Нема забава дечки. Секогаш сте поспани и намуртени кога ме гледате. Епа извинете ме! Навистина извинете што сакам малку одговорност и достоинство во вашите животи. Уште од сабајлечки правите мемиња за мене, а? Ти! (покажува кон публиката) Да ти, момчето зад тастатурата, што ме гледаш така, знам, знам, го правиш она меме ,,If Monday were a person..". Па добро бе, ме прашал ли некој мене да бев личност каков ќе бев, ставате фотки од онаа старата од Хари Потер или од некој гаф на политичар, не бев јас создаден за тоа дечки! Ама еве го носам вашиот товар, погледнете тука (покажува на лицето), погледнете тука (покажува на телото), ама тука не можете да видите (покажува на срцето). Сите навреди на светот за мене не можеше да ги собере на моето тело, па затоа се врежани и во моето срце, не ви го заборавам! (се симнува од велосипедот, седнува на земјата) Лесно е да се биде Петок, ете го пред некој ден тука дојде и се петлаше, па сите биле заљубени на тој ден, бегај бе! Да не беше песната ќе беше ти само лоша верзија на Сабота. А за мене што песни напишавте!? ,,I don't like Mondays", ,,Blue Monday", ,,Manic Monday", ужас! Од лошо - полошо, глава не можам да кренам. Искрено ми се плаче, за зима нема толку многу мрак како за мене, а во четири се стемнува! За зима имате ,,Let it snow", па снегче, па леле, леле се радуваме. Катастрофа. Ми се рика, не ми се плаче. Наместо да ме плукате и да фрлате со камења по мене, сете се убави мои со што ви почнува неделата, со мене, јас сум со вас и ги трпам овие глупости, барем почит да имате! Благодарение на мене заработувате, благодарение на мене тргнавте на школо, благодарение на мене имате смисла за време! Еве ги доказите! (станува, почнува да ги собира календарите околу него, чита) На 10ти август, понеделник 1978, Миле ја запозна Јана, да ти со тастатурата, тоа се мајка ти и татко ти! Важен сум. На 7ми март 1995 се роди ти, и тоа беше понеделник! 1ви септември 2002 тргна на школо, погоди што ден беше? (си ги брише солзите со календарите). Сакаш уште? 1ви јули 1907 е отворена Hershey, фабриката за чоколади! 13ти Јануари 1930, Мики Маус дебитира како стрип! 14ти февруари 2005 почнува со работа Јутјуб. Погоди што денови беа сите тие? Јас бев, јас бев! Јас сум причината поради која ги правиш тие видеа во кои ме критикуваш! Не беше понеделник роден за тие пусти навреди! Сфаќате ли колку е важно да се биде понеделник?

Мрак

Коментари


Остави коментар