,,Медена земја“ – Слаткото спријателување на човекот и природата
Оригинално објавено на гледај.мк.
режиja: Тамара Котевска и Љубомир Стефанов
директор на фотографија: Самир Љума и Фејми Даут
монтажа: Атанас Георгиев
Филмот е моќна алатка. Во 2020 година ова важи повеќе од кога било, затоа што претходната година докажа колку филмското дело може да има влијание врз општеството и поединецот. Изминатиов период се воочи дека филм од скромната македонска кинематографска продукција се лансираше да биде набљудуван низ светските кулоари. Во последниве пет години се забележува исклучително подобрување на квалитетот во македонската кинематографија, така што успесите на филмовите пред ,,Медена земја” само го подготвија патот за врвното достигнување пред кое таа е сега – на чекор до најпрестижната филмска награда (Оскар). Стандардот е надминат, а за филмаџиите ова треба да е доволно охрабрување постојано да се тестираат себеси во своите креативни потфати, така што допрва ќе видиме едно големо освежување на филмското платно од нашите филмски мајстори.
Зумирајќи го погледот кон ,,Медена земја” неизбежно е да се каже дека се набљудува едно исклучително слоевито и многузначно дело. Тоа изобилува со својата симболика, безвременската приказна и острината на социјалниот коментар за неколку актуелни теми и прашања, како животната средина и нашиот однос со неа, сиромаштијата, изолацијата и соседските односи. Филмот разгледува повеќе аспекти и гледишта, почнувајќи од тоа дека е универзалистичка документарна опсервација на состојбата за живиот свет и неговото исползување за нашите потреби до психолошка анализа на длабоките човечки пориви за самотија и заедништво.
Симболиката го следи филмот уште од неговиот наслов. Која е таа ,,Медена земја” што авторите сакаат да ни ја прикажат? Дали е таа земјата на пчелите и нивното непрекинато делување во природата кое е уништено од човечката потреба за алчност и пари? Дали е тоа светот на Атиџе каде таа живее во хармонија со земјата на пчелите? Дали е во надежта која Атиџе ја има за подобар живот, а истовремено и надежта за подобар свет чиј принципи таа ги гради преку нејзината максима – ,,Пола за мене, пола за вас”? Медената земја е идеал. Тој идеал не е утопија, туку напротив реален порив за поправедно, колетивно и свесно општество, кое почнува да се гради помеѓу човекот и живиот свет. Во последниот век може да се сведочи за систематското уништување на природата, а Атиџе е нејзиниот вресок кој бара да се промени односот кон неа. Вресокот на Атиџе се менува од сцена во сцена, таа е заштитникот на пчелите, но и лицето на социјалната угнетеност и изолација. Психолошките карактеристики на ликот се црпат од нејзиниот однос со мајка и – Назифе која е осумдесетгодишна неподвижна старица за која Атиџе постојаносе грижи. Атиџе исто така се открива себеси и во разговорите со соседите, како блага, дружељубива и лик кој одбегнува конфликт. Последно е нејзината поврзаност со пчелите кои за Атиџе се поживи од сите други работи. Од разговорите со мајката се разбираат и внатрешните желби и пориви на Атиџе кои се облеани со огромна доза на искреност, која го движи целото дејство кон својата полнота. ,,Медена Земја” комуницира со различни видови луѓе, понекогаш и со различни пораки, но пораки кои упатуваат кон една целина.
Двете главни работи преку кој филмот зборува се камерата и ликовите, со камерата е доловена еколошката порака на филмот, додека преку ликовите социјалната, а Атиџе пак самата е носител и на психолошката. Како да се подобри односот на човекот со неговата животна средина? Отуѓеноста од вистинските принципи и вредности како грижата и емпатијата го прават современиот човек неприспособлив за нежноста на еко-системот кој го опкружува. Атице уште е на фреквенција на неосквернатост кога станува збор за коегзистенцијата на живите битија со природата. Медената земја е состојбата што ќе се достигне кога човекот и природата ќе делуваат за заедничко добро. Каде тој ќе го ползува нејзиниот мед, а таа неговата грижа, движејќи се еден кон друг кон слаткото спријателување.
Од најнаградениот филм на ,,Санденс”, преку најдобар филм за 2019 за критичарите од ,,Њу Јорк Тајмс” до привот филм со две номинации на Оскарите од Македонија, ,,Медена земја” говори за својата големина и внатрешно – преку пораката која ни ја испраќа и надворешно – преку успехот кој го остварува.
Кирил Дончов