logo

# Критика

Култура(та) во сенка на коронавирусот

насловна слика
Новонастанатата состојба не смее да го нападне духот на поединецот, не смее да ги уништи убавината и слободната мисла – без нив доаѓа крајот;  Иако ова наше прашање лебди како проблем низ годините, можеби уште од осамостојувањето и културните работници, самовработените, како и културата како цело, секогаш била „последната дупка на свирчето“, деновиве кога пандемијата Ковид 19 зазема се поголем замав и бројот на заразени расте, дел од културните работници и фриленсерите во Македонија решија да проговорат гласно за тоа што се случува и каква е нивната финансиска состојба, а и каква се очекува да биде во следниов период. Со поедноставување на оваа “проблематика“, едноставно лошо, или би требало да се каже: „од лошо полошо“.  Додека дел од државите на ЕУ како Франција и Германија, решија да одделат сериозни суми од нивните буџети за оваа аларманта состојба со коронавирусот - за културата -, ние овде само се соочуваме повторно со фактот дека културата кај нас воопшто не се валоризира, игнорирана, забравена, а оние кои се дел од овој сектор буквално „може да се сликаат“. И не, не е поентата на овој текст да “соли памет“, туку баш да биде уште еден АПЕЛ да се слушне маката на сите занемарени институционализирани културни работници, но уште повеќе да се слушне гласот на оние кои живеат од ден за ден од најразлични настани, промоции, гостувања и учества, еднократни хонорари, каде и досега земаа трошки, а овој пат останаа и без нив. Важно е и стимулативно за сите нас да се види како помошта постои, како станува видлив факт. Холандија, Велика Британија, Швајцарија и многу други веќе развиваат програми во кои можеме да следиме најразлични модели како ќе се направи тоа. Повторно, „не треба да измислуваме топла вода“, туку треба да покажеме отворено срце, интерес и добра волја.  Нехумано е од страна на државата и одредени поединци да слушаме како во следниот период ќе пропаѓаат бизниси, угостителски објекти, мали фабрики и погони, како многумина ќе треба да живеат на минималец, а од друга страна не слушаме ниту една изјава за тоа како ќе бидат третирани, згрижени и како ќе им се помогне на културните амбасадори кои во мирно време се оние кои ја претставуваат државата, ги промовираат вредностите на нашата традиција, фолклор, но истовремено ја афирмираат и современата културолошка сцена од која низ годините се изнедрија исклучителни писатели, поети, уметници, актери, режисери, музичари и тн. Од овде следствено доаѓа и основното прашање: Дали Министерството за култура планира да преземе нешто конкретно за да си ги заштити своите штитеници? Дали ќе ја вреднуваме културата во вакви моменти како што и доликува, односно како здравството, образованието, економијата и сѐ останато? Знаеме дека културата кај нас животарела, со минимални инфузии, дали не е крајно време ова да се промени? Во време кога читаме дека: Креативниот дух на креативните луѓе може да ни помогне да ја надминеме ова апокалиптична криза - како што кажува германскиот министер за култура Grütters, дали ќе се појави јунак овде кој тоа ќе го докаже во пракса? Мораме сериозно да ја сфатиме оваа криза, духовната хармонија и баланс, одржувањето на духот и инспирацијата на засегнатите, зависат единствено од решавањето на овој проблем, а креирањето на нови групи, нови интернет ќошиња каде до недоглед ќе ги образложуваме нашите проблеми воопшто не е потребно, сега треба да реагираат оние кои го водат орото, оние кои го носат бајракот, тие кои имаат ингеренции да одлучуваат. И да пресечат: во полза на засегантите.  Јас не сакам да сум преголем оптимист, низ годиниве наназад оние кои ме познаваат знаат дека оптимизмот кај мене полека исчезнува, но ете, пак тивко верувам дека ќе бидат следени позитивните примери на некои држави и дека ова нема да биде уште еден наш крик испратен во празно. Во граѓанскиот сектор сосотојбата е пресликана, откажаните проекти, вмрежувања, партнерства, се тоа во моментот е замрзнато, независната сцена е на stand by, баш како времето: задоцнета зима во рана пролет.

Коментари


Остави коментар