Краткотрајното паметење на малоумните глави
Проблемите од ден на ден стануваат сѐ повеќе и сѐ побанални, досадни, плитки. Површни толку како најпростиот сапиенс да се фати на нив како маченик на сламка и да одлуми лудило кое ние би требало да го дефинираме како мислење, најчесто експертско. Кхм...
Луѓето имаат краток памет и краток фитил, се инаетат за кратко време за најразлични ситни разминувања во ставовите, а се почесто не можат да ја препознаат таа состојба на замаеност и се втурнуваат во непотребни преписки. Најчесто до три дена. Уште почесто непотковани, неосновани, кооперациски, што би кажале ние овде во кооперација. Сите сакаме подобро, а знаеме и што значи тоа. Но ајде де, зошто кога можеби жално, но вистинито, нам како заедница сето ова ни одговара. Да беше спротивно, ќе гледавме друго реално шоу, вака само сме дел од аматерско сценарио и обична нискострасна калакурница.
[caption class="snax-figure" align="aligncenter" width="662"][/caption]
.
Во таа насока, демек актуелно, ќе напишам вака: Тогаш кога нема (по не знам кој пат) уште еднаш да говориме за сексистичките објави на Тричко, туку човекот ќе исплати десетици жалби и тужби за злоупотреба на терминот „говор на слобода“ и кога ќе си плати неколку казни за навреда, тогаш ќе кажеме дека бар некоја небитна мала работа се променила., вака само сме слепи сведоци на памфлети, на лажно претставување на демократските и така пожелни европски вредности. Моралот и етиката не се наоѓаат во гаќите, уште помалку во менталните свршетоци со анална реа.
Тогаш кога за Универзална сала ќе погледнеме не само од призма на моментален кеш или заработка, тогаш ќе видиме дека истата може да биде дислоцирана, реконструирана/ реадаптирана и искористена за други намени, како на пр. музеј на сите оние луѓе и настани кои го направиле овој “метален монтажен објект“ важен за Скопје и за тоа да биде зачуван како таков во иднина. Ама оправдано, издржано. Недостатокот на вистинска Универзална сала е сериозен нов урбанистички проект за кој убаво треба да се размисли и да се види што се подразбира под тоа, да се слушнат стручните мислења и тогаш да се реши каде и кога ќе се гради. Ова е веќе како научна фантастика. Тоа што „Танец“ немаат простор, одредени театри исто така, стотици иницијативи и мали здруженија и асоцијации, секако дека нема допирна точка со Универзална сала и со прашањето што со неа. Гушкање ни треба на сите нас, не само на ГТЦ или на Универзална, ама полесно се навикнавме да гушкаме објекти отколку тажни животни приказни на кои можеме бар малку да им помогнеме. Што да се прави, тоа не купува доволно внимание на фејсбук, плус ако не се пофалиш дека си помогнал, како да не било. Во моментот, барем според мене, темата за Универзална сала е наметната како делумен проблем, а всушност чад ни излегува од сите дупки во сегашниов систем како таков, па затоа уште еднаш сме активни “(бр)мчатори“ на пропагандна илузија во која “треба да се слушне јавното мислење“. Нашето мислење им е важно само кога не си делат пари меѓусебно, за патни, за оставштини, другото е “бајрам на мозокот“. Сдсм-Дпмне, технички, wanna be меѓупартиски односи, дрш- не дај, овој хибриден извитоперен систем може само да продолжи да пропаѓа. Овде се пресекува, ама логично, и не само за Универзална сала, туку и за сите други отворени проблеми, Скопје 2014, барок, споменици, а на граѓаните им се враќа надеж во очите, ама тоа во бајките го има, ние 3 децении живееме во друг жанр.
Трето, а зошто трето не знам кога ова ни стана навика, а навиките ни се лоши и бројките секојдневно растат. Затоа трето, оти мора и тоа да стоо... Сепак, сега, знаете ли вие, што мислите? Има ли корона или нема корона? Ја нема само кога вие излегувате или како? До кај сме со другите глупости кои никој нема абер дека ни смрдат под нос секојдневно, не пак да засука ракави да ги реши? Не се толку фенси, не се толку актуелни? Рудниците стоо, исчезнани/ најдени луѓе стоо, дрвократци и дива сеча стоо, депонии стоо, дивоградби стоо, сиромаштија стоо... Аwe, реално гледано сичко стооо, станавме едно големо буниште без петел.
Кога сум кај последното, тоа ми е единствена светла точка, а болен факт за некој кој крадеше наши пари за некаков си измислен проект “компјутер за секое дете“. Кога Борче #ДонирајКомпјутер ја надмина бројката од 300 донирани компјутери за социјални семејства, срцето ми се исполни. Списокот секојдневно му расте, за тоа треба да говориме, тој супер прави, но за повеќето (вклучувајќи ме и мене) треба прстот на чело и да се подразмисли троа посериозно. Ова е пресен пример, не дека ги нема и други, но хмм... 300 компјутери дал еден човек, едно физичко лице наспроти тие стотици кои ги плаќа народот за патни трошоци и е третиран како безгласна буква пред нивното купување на имоти, станови и скапи автомобили? Зарем ова е магичниот круг од кој не можеме да излеземе? Ако да, малку ни е...