Каде се луѓето кои исчезнуваат?!
Веќе со месеци сме сведоци на секојдневни споделувања на објави на социјалните мрежи за луѓе кои исчезнуваат. Независно од тоа дали исчезнала жена, па мажот пријавил после три дена во станица или исчезнал маж, па жената пријавила соодветно по неколку дена сметајќи дека заглавил во некое казино, или пак се работи за возрасни луѓе со деменција кои се губат и/ или наоѓаат по аптеки како „чиста среќа“ од случајни минувачи или најтрагичното, т.е. најлошото тоа е исчезнување на неколку деца, не дека може да се вагаат случаите, да се мери нивната важност, секој живот е еднакво важен и битен – овој проблем станува вознемирувачки и алармантен во секоја смисла!
Што знаеме за сите луѓе кои исчезнуваат? Речиси ништо! Само бледи изјави сведени на претпоставки од луѓе кои и немаат друга работа освен да коментираат и шпекулираат и крајно нецелосни и непрофесионални соопштенија од страна на Министерството за внатрешни работи. До каде ќе оди ова лудило? Дали сте помислиле дека ваквиот статус ги плаши граѓаните? Дали е ова класична шизофренија која навлегла во сите пори на нашата заедница? Зарем не сметаме сите дека во едно нормално општество (што и да значи тоа) треба барем еднаш неделно да имаме информативен билтен од страна на полицијата во кој ќе не информираат (без залажување) до каде стигнале со истрагите/ потрагите. Веќе не станува збор за едно или две лица, туку за исчезнување на неколку лица речиси на неделно ниво. Ако едната била убиена од сопругот, другиот си заминал поради лош брак со љубовницата, стариот забегал поради лудоста, децата од недоволна грижа на родителите – тогаш зошто не го слушнеме тоа јавно на медиумите од професионалци кои земаат плата за да истражуваат, да говорат без влакна на јазикот и крајно - ДА ГИ ПРОНАЈДАТ ИСЧЕЗНАТИТЕ!
Преку глава ни е од дегутантни информации за мајка која ја украла колата на својата ќерка за да ја подари на швалерот, преку глава ни е од маршови и контра-маршови, на народот веќе не му се слуша дали некој премиер јаде виршли или другите заборавија на чоколадите. Ние веќе имаме одговорност да се расветлат сите случаи, народот како во еден од случаите кога беше потребна теренска потрага се вклучи, народот ќе се вклучи и во иднина, во тоа не се сомневам. Но, не можеме ние самите како граѓани (поприлично запоставени, да на кажам заборавени), да покренуваме иницијативи за сѐ и сешто, особено не за вакви деликатни, исклучително важни проблеми. Македонијо – имаме огромен проблем!
Зарем треба да мислиме дека е отворен и сериозно разработен синџирот за продажба на органи? Имаме трговија со луѓе? Треба ли да веруваме дека растеме заедно со потенцијални убијци? Треба ли да живееме скриени под јорган планина, исплашени да излеземе на улица да не случајно некој не дигне со сомнително комбе, да не се глупираме со “жолтото“ или воопшто, треба ли да веруваме дека имаме неспособна држава која не се грижи за сопствените граѓани, па воопшто не е важно дали некој е македонец, албанец, турчин, ром, маж, жена, возсрасен, млад кога станува збор за ова клучно прашање: КАДЕ СЕ ЛУЃЕТО КОИ ИСЧЕЗНУВААТ?
p.s. До каде се службите со мапирањето на педофилијата, 12 годишно дете повторно е силувано. Quo vadis земјо на проколнатите и до кога ќе бидеш во клиничка смрт, жива, но умрена, буквално.