Интелектулната дистанца на плебсот
кога требаше да држиме најголема социјална дистанца, физички, тогаш ние почувствувавме најголема потреба да се зближиме, пак физички се разбира. и што фајде видовме од сето тоа? на крај излезе со свој камен по глава, а за тоа колку и да политикуваме, колку и виновникот да го бараме во некој друг освен во нас самите е жива перверзија. Класично извртување на нештата. Јас бев, ама не бев. делумно бев. секако, како и во сите текстови со ваква намена и во овој ќе нагласиме: „чест на исклучоците, оние кои решија да мијат раце, да седат дома, да ги почитуваат мерките и да бидат одговорни граѓани“. колку е сево ова успешен проект не ни останува на никој друг, освен на времето да ни покаже/ докаже. прастар народ сме, тоа е, што да кажеш да не згрешиш, останавме на времето и облаците да се потпираме, така да проценуваме дали ќе биде суша или ќе има дожд за нивите и ливадите. .. ах таа стара, ветена шаманска земја, во која вампирџиите, итарпејовците и дрво/рибо/лово/живото-крадците сѐ уште ја креираат граѓанската (не)совест (читај: политика).
мора да се погледнеме во огледало и да си признаеме дека подлегнавме на психичкиот притисок како луѓе. се повеќе може да се сретнат објави во кои се чита револтот, загриженоста, вознемиреноста, почнавме да се оттуѓуваме иако во реалноста не ги почитуваме правилата и со таква слобода би требало да владее некоква емпатија и разбирање меѓу сите, затоа што повеќето разбираат зошто се случува сево ова. јасно ни е како бел ден. се залажуваме. ни се случува некоја длабока контра, спротивставеност, дали е глобална политичка битка или лажна конспиративна сложувалка не знам, но наместо добри резултати, сите следиме слепо и без контрола дека ова со коронавирусот сосема не е во ред, а никој не превзема вистински мерки за да ја подобри состојбата. не да ја реши, барем да ја подобри. да почнеме со помали очекувања. празен простор - затоа што нема во кој да впереш со прст, да покажеш дека си длабоко уверен дека тој/ таа/ тие се спасот. изгледа нема такви, се истрошила робата, а можеби никогаш не ни имало таква роба. може ниту била произведена, ниту е увезена, па затоа ни се случува симулакрум од живот, наместо вистински живот. на најгласно не се кажува ништо освен трагичноста на човечкиот род. живееме скриени во нашите аватари. егзистираат само нашите холограми дека можеме подобро. со сите нивни гличови и грешки во системот.
[caption class="snax-figure" align="aligncenter" width="662"][/caption]
.
оваа психолошка тензија е терор за многумина, од една страна гледаме луѓе кои се борат за сосема трети (и непотребни) каузи кои немаат врска со моменталната ситуација и го занемаруваат вирусот како нешто небитно и “измислено во лабараторија“, од друга страна гледаме некои кои повикуваат на избори и таквите кои повикуваат на спротивното, да нема избори, но се поприлично исто сеприсутни во време-просторот со победнички виртуелен дух, по правило некогаш со маски, некогаш без. најчесто како ќе се погоди. ако се има. зарем е толку важно?! а секако, од трета страна статистиката последниве три дена не здрма како земјотресен факт од кој (ни) нема бегање. не знам какви ќе излеземе од оваа пандемија, кои ќе бидат/ останат претставници на елитата, а кои на плебсот, и каква врска има сето ова во моментот?! очигледно е дека немаме човек во државата кој може дирекно во лице да не соочи со проблемот. ладен туш ни треба како нација, овој шок ни е мал да се разбудиме и да станеме посериозни и поодговорни. мене ова по се изгледа ми делува како да се работи за нас, секој еден од нас е потенцијална жртва и пациент, а можеби и спас. не знам вас како ви се чини оваа болно тримесечје, ако не и повеќе? мислам дека треба троа поозбилно, кој колку може. едни релативизираат, други сите нерви си ги оставија на социјалните мрежи, но ниту едните, ниту другите не се апсолутно од никаква корист за душевните бури и немири, за медиумската хистерија. многумина токму тоа им е секојдневен фитил со кој го започнуваат денот и продолжува да им ескалира притисокот, немирот во срцето, хаосот во умот, затоа се почесто имаме и инфаркти и самоубиства. и тоа на многу млади луѓе. на секакви. луѓето почнаа да паѓаат од дрвото на животот како расипано овошје. не ми се ни размислува во оваа насока.
кога ќе видиш дека една заедница масовно артикулира бесмисленост, кога ќе видиш дека истата таа комуна масовно, но и подмолно инкорпорира безгрижност и летаргичност, едноставно доаѓаш до момент во кој погубно и поразено ја прифакаш интелектуалната дистанца. да, некои разговори и некои теми просто немаат смисла, не вреди ни да им се придава внимание – ја раситнуваме и четвртата декада на импровизирано постоење како т.н. држава. конечно ни треба да олабавиме еден од друг, јавно, да се оддалечиме и да се ревитализираме внатрешно. па отпосле да креираме една нова здрава и интелектуална средина во која ќе се сретнеме за да размениме искуство и знаење, а не како сега, најлошото што еден човек во крик и грч може да создаде. класичен шизофреничен ужас. да почнеме да управуваме со нашите височини, со тоа што ќе воспоставиме ред во нашите широчини. нема друго. балансот и спасот ќе ни дојдат кога ќе го обновиме концептот на ко-егзистирање, за системот одамна се договоривме. нему не му треба рестарт, туку формат. а системот – тоа сме ние, не смееме да дозволиме да бидеме црвот кој ќе не изеде.
си требаме, тоа е сигурно!