Добрососедски односи или екскурзија на мозокот
„Не ме уплашија векови со нож од туѓа рака Ме плаши час од рака своја в плеќи.“
- Анте Поповски
Патриотизмот и родољубивоста не се учат, не се глумат, или ги имаш или ги немаш. Во ваков грч живееме ние современите Македонци изминативе 30 години, не ми се ни пишува за тоа како живееле нашите претходници, верувам дека ќе ме читаат луѓе кои се на иста мисла со мојава, па нема да го тупам уште на почеток. Патетично е, се разбираме, нели?
Што ќе правиме сега? Пак сме топ тема?! Не има или не нема? Бугарите биле фашисти на времето или биле дојдени овде како туристи, административно, на семинар? Се читаме ли бре луѓе? За што се расправаме, зошто ја имаме потребата баш сега да го решаваме ова? Демек стварно веруваме во светлата иднина која на широка врата не чека кога ќе зачекориме рамо до рамо со европските земји?
Не можеме да ја игнорираме историјата, документите, доказите, фактите, не смееме да дозволиме воопшто да се отвораат вакви прашања во 21 век, криејќи се под превезот на братство, братососедство и некакво дополнително расветлување на детали од македонската страна. Какви детали побогу? Дека сме бугари, дека македонскиот е нивен дијалект? Тоа е недозволиво, пред сѐ противзаконски, кој нормален си дозволува соседна држава да му смета во внатрешното уредување?!
И додека гледаме примери во светот како една држава и подарува планина на друга држава, трета и и честита на соседната земја затоа што е најразвиена и прва во нешто, ние уште тука си играме „индијанци и каубоји“ и дозволуваме ова да се сведе на дневна политика, на трачерај, на кооперациски муабет во кој на крај, според поставените правила ние треба да изгубиме, ние – народот од Македонија и Бугарија. Губиме затоа што се подгреваат неартикулирани, шизофрени, ултранационалистички дискурси на комуникација кои се навредливи за секој здраворазумен современ човек. И да, наместо да се развиваме како реон, како важен дел од Европа, независно дали сме членки на ЕУ или не, ние сме се фатиле како „слепиот за стапот“. За разлика од примерите за подобар живот кои ни доаѓаат од северна Европа, ние, на овој дел на Европа, Балканот, уште се однесуваме како неандреталци. Се создаде атмосфера од која на секој пристоен човек, со етичка и морална вертикала му се гади. А не дека не можеме подобро, на некој едноставно не му се сака, така му одговара, инаку модели и примери за ефективен развој и социо-економски прогрес има многу, со загарантирани резултати, не е тоа алхемија, па да не знаеш дали утре ќе заврне „црвен снег“, но НЕ, ние фативме да си копаме и вадеме очи по не знам кој пат за историјата, за јазикот, за името, за идентитетот. Ни остана ли нешто бре луѓе? Кој е нашиот македонски дострел, да се дораспродадеме и да се самораспуштиме? Нашата земја не е приватна фирма, се лаже секој кој си поигрува со “кроткиот дух на напатениот Македонец“.
ЗА ОВА НИКОЈ НЕ ТРЕБА ДА ГОВОРИ, НЕ СМЕЕ НИКОЈ ДА ТЕ ВОЗНЕМИРУВА И ОПСТРУИРА, НЕМА ОВДЕ ПРОСТОР ЗА ДЕБАТА, ЗА НИКАКВИ ПРЕГОВОРИ, ПОГОВОРИ, ЗАВЕТИ, ИНСТАСТОРИ, НИЕ СМЕ МАКЕДОНЦИ И ТОЛКУ - мора да престане оваа тортура, македонскиот народ барем по ова прашање е обединет, да не се лажеме!
Ме иритира и инаетот на бугарската политичка естрада, особено оваа гарнитура која ја извади оваа мака од нафталин и буквално актуализираше “проблем“ за кој секој нормален знае дека никогаш нема да се изнајде соодветно решение. Тоа што соседите не прифаќаат некои ноторни факти, документи, фотографии, записи во кои се гледа дека за жал во одреден период биле активни учесници од лошата страна на историјата и наместо тоа го наметнуваат овој конфликт поставен на ваква килава основа, тоа е нивен проблем. Жал ми е што покажуваме слабост на моменти и се провоцираме на таквите провокации, па зарем не гледаме дека многу академци, професори, зналци и ерудити се одважија и по не знам кој пат ги потврдија нашите гледишта и стоишта и нема што тука со маркери во раце да ставаме нови црвени, сини, портокалови линии... Се знае. Сепак, во моментот сме сведоци на недорасната политика, како и да сакаш да кажеш, во моментот сме сведоци на некој вид на политикантство, извитоперена, изместена перцепција на улогата на политиката во општествениот контекст.
Може ќе звучи и грубо, а може и не, но ова dе facto е турбо фолк политика, измутирана структура предводена од пропагандистички идеали, но во самата основа игнорирачка и наглува. Сива политика, сведена на малверзации, затајување, градење на криминален капитал, манипулативна, топ шоп политика. Никој не добива од ваквиот пристап, а обичниот граѓанин повторно е ставен во улога на безгласна жртва.
Допрва ќе ги чувствуваме поизразено реперкусиите од таквиот начин на владеење. Можеби не е „наведната глава сабја не ја сече“, туку „крената глава сабја не ја сече“. Не ни е доволна корона пандемијата за да видиме дека немаме организација, дека системот ни е крахиран, дека владее општ хаос: од здравство, образование, па се нагоре до култура, ние ќе решаваме муѓународни, децениски или вековни спорови. Оваа политика која што ја сведочиме во моментот не е дорасната за таков предизвик, или како што би рекол еден министер: „ова е невозрасна политика“. Очигледно е, со свој камен по глава или со главата во ѕид, најпросто кажано, несвесни дека не сме чеканот кој ќе пресуди во полза на правиот и праведноста. Страшно. Само омразија!