logo

# Критика

Да се биде или не Лаамбе, стана прашање: Да се биде Македонец или не?!

насловна слика

Ако е вистина историјата со дедо му, дека бил убиен со чекан во глава од бугарските фашисти и оставен три дена да го гледаат луѓето, тогаш неговиот револт е ете како оправдан. Тој си има приказна со тоа време, носи фамилијарен јад во себе, крвта му била гневна...

Пред нос во 21 век “убијците“ му отвориле централа во неговиот град и секако дека оваа информација тлеела и горела во него. Не е ова изразен национализам, да се разбереме, ова е загриженост за ништење на идентитетот и негирање на жртвите од тој период, во континуитет, особено со сите отворени и нерешени прашања кои ги имаме со комисиите меѓу Македонија и Бугарија. Ниедна држава не го дозволува тоа, не смее ниту да се дрзне да посегне по ова што ни се случува во моментот, во обландито за подобрување на меѓународните односи и можноста за конечно забрзување на процесот за влез во ЕУ. Како црвена линија мора да ни одекнува тоа дека никој нема слобода да го погазува туѓото, во случајов, нашето државно и уставно право. Време е за преиспитување на старите дефиниции за демократија и можност за камуфлирано инсталирање на одредени соседни струи во нашите граници.

Не спорам дека ова е можно дефокусирање, но не верувам во интелектуалните стратегии на државата да води такви пи-ар стратегии и до толку да ги обмислува нападите кон сопствениот народ. Ние сме сведени на случајност, како што и нашата иднина гази по кршлив лед или стакло. „Бутни ме да кинисам“, Европо! Живееме од денес за утре, моликаме, се жалиме овде-онде, а забораваме клучни пресврти кои не одат во наша полза до три дена. Чудна некоја граѓанска инфантилност, генерално. Амнестиран народ, безгрижен, небаре ампутиран од реалноста на сопственото постоење.

И да не беше Ламбе, туку некој друг, ваквата реакција се очекуваше. Никогаш не гo поддржувам ваквиот начин на изразување на незадоволство, вандализам, пироманија, но:

- Да закачуваат по ѕидовите на таквите, во случајов ултранационалистички дувла, рамки со цитати дека нашата нација е измислена, не било каде, во препознатливиот конзулски град на Македонија, и некој да го дозволи тоа, во најмала рака е казниво со закон. Ламбе заслужува поддршка, како и сите во иднина кои на овој или оној начин ќе изразат незадоволство кон внатрешните или надворешните политики кои ги водиме како држава. Луѓето кои коменираат неутрално и со воздршка почнувам да ги перцепирам малку со резерва, оти не, ние не сме варвари ако си ја вардиме државата, па макар и најнецивилизирано. Внатрешните побуди во моментот се клучни, а дали тоа е чин на херојство или достоинство, во моментот и не е толку важно.

Шарената револуција, палењето на канцеларијата на претседателот Иванов, демолирањето на јавните институции, нарушувањето на јавниот ред и мир со континуирани протести, полициска бруталност, гумени куршуми, водени топови и тн. - не беше ништо поразлично од ова. Затоа пресудата во моментот е клучна и треба да има многу аспекти во увид, за да не излезе дека ние сме противв сопствените граѓани заради моменталните односи и потребата од носење на одлуки од кои зависи иднината на Македонија.

Се прашувам само колку естрадата ќе го поддржи, важеше за миленик во неговата фела, или пак лицемерието ќе се пушти на најјако, како што е вообичаено?!

Во иднина да нема вакви индивидуални акти на решавање на проблемите кои ја мачат заедницата, ја разоруваат утробата со лажна принова, едноставно треба да се прашаат граѓаните кога се отвораат вакви меѓународни канцеларии или центри. Со оваа канцеларија не само што немаше простор за соработка уште од самиот почеток, туку и тоа тридецениско „ќе“ почна да ја губи смислата. Затоа Ламбе ја има и од мене поддршката да помине со најблага казна, а ние како народ да не оставиме такви талентирани, скромни и мирни луѓе да ја земаат судбината на Македонија во своја рака. Мириса на дожд и невреме...

p.s. Во меѓувреме, го избришаа нашиот "македонски јазик" од графата во ООН, сега веќе за жал имаме нов термин - “јазикот на РСМ“.

Коментари


Остави коментар