БАРО: Симптом на дефинитивен заборав на грижа за општо добро
Орелиан Баро, астрофизичар и филозоф
СИМПТОМ НА ДЕФИНИТИВЕН ЗАБОРАВ НА ГРИЖА ЗА ОПШТО ДОБРО
Непослушноста е силен граѓански гест. Неодамна, илјадници научници се повикаа на тој гест наспроти еколошката катастрофа којашто сè уште трае. Тоа е, колку што знам, без преседан. И други причини несомнено оправдуваат да се предвиди ваква радикална форма на отпор. Има материјал за да се осмисли и да се дејствува.
Но, како да не се биде тажен пред заклучокот дека одбивањето на базичните санитарни мерки (кои се мал напор побаран од општествената, базична интелигенција) се повикува на таков отпор? Ми се чини дека таа опстинација да се стави во опасност туѓиот живот произлегува попрво од мрчење на разгалено, параноично дете коешто не сака никогаш ништо да жртвува од својата удобност. Дури и по цена на свесно ставање во опасност на туѓиот живот.
И последен пат, за потсетување:
1. Да се "маскира" населението не е од полза на државата: ништо не плаши повеќе едно контролирано општество отколку индивидуи кои не можат да бидат идентификувани!
2.Баравме, со право, маски кога немаше. Да се одбие нивна употреба во затворен простор е целосно бесмислено.
3.Бројни се оние коишто се повикуваат на моќта и финансиските придобивки на фармацевтската индустрија. Тоа е причина повеќе да се потрудиме да ја победиме епидемијата со најмал трошок и без лекови. Дури и најголемите ковачи на теории на заговор ќе се согласат дека носењето маски нема да офајди некоја мрачна моќна сила.
4. Тоа што вирусот е помал од плетката на маските не значи дека тие не служат за ништо: капките коишто содржат патолошки агент се запрени.
5. Да, има и други сериозни болести во светот. И? Дали тоа што Втората Светска војна била со повеќе мртви прави од Првата нешто безопасно?
6. Да, смееме, и бројни сме сите ние коишто имаме несогласувања со Владата и нејзините политики. И? Со што тоа ни дава за право да ги ставиме во опасност фрагилните субјекти? Ако се испоубиме меѓу нас, дали тоа ќе ја разниша Владата?
7. Често читав овие денови дека да се дише добро е неопходно за здравјето. Секако. Да се пие доволно исто така. Но, кога морската вода е отровна подобро е да се издржи малку жед и да се оди до чист извор, нели?
8. Нема ли некој одвратен вид на ароганција во она мислење дека експертите ништо не разбираат и дека анализите коишто се направени без специфична компетентност заслужуваат да им дадеме повеќе кредибилитет? Како сево ова да е прашање на анкети, на мислења и лични избори.
9. Слепото одбивање на послушност несомнено е интересна позиција. А, има толку закони и шеми на притисок коишто можат да се контестираат...
10. Нема причина да се плашиме од "нова нормалност". На идентичен начин на кој обврската да се седи дома беше тргната веднаш штом тоа беше возможно (да се кочи економијата не е од полза на државата), ни носењето маски (секогаш страшно за полицијата) нема да трае. Појавата на контролирано општество, којашто и по мое мислење е застрашувачка, е можна и мора да ù се спротивставиме. Но, во овој контекст - баш спротивното се случува.
11. Многумина се фалат дека немаат страв. Нека е и така. Психолошката конфигурација на секоја единка е легитимна. Но, тоа што не се плашиш од огнено оружје не ти дава за право да пукаш во толпата. Тоа е тоа.
12. Нема ништо револуционерно или напредно во тоа да се негираат медицинските факти во еден гест на прифатена себичност, којашто зема форма на гнасен индивидуализам што го доминира современиот свет.
13. Па дури ако, на неверојатен начин, маската се испостави бескорисна, нели вреди да се направи мал напор? Да се спореди оваа мала (смешна) неудобност (Западот често ги заборава големите проблеми на денешницата) со можноста да се спаси еден живот нели ви ја решава веднаш оваа дилема?
14. Искрено, пред страдањето на интубираните пациенти, пред 600 000 мртви овде или таму, одбивањето на овој мал напор за којшто зборуваме не е ли нешто безобразно? Како симптом на дефинитивен заборав на грижа за општо добро.
__________________
Превод од француски јазик: Тања Кармзова Костиглиола