Архитектонски мавзолеј на срамот
Деновиве е актуелно поставувањето на спомен плочата на Мајка Тереза на Плоштадот Македонија во нашиот главен град, па пред да пишувам за тоа, баш така во стилот на познатиот комуникациски амбиент во државата, гротескно се запрашав: зошто Плоштад Македонија, до кога бре луѓе, ајде, зарем не треба да се промени и ова во Плоштад Северна Македонија?! Но нејсе, да не давам дополнителни идеи, вака:
Ова што е поставено во Скопје, како прво не е никаков споменик, па можеби и ќе се согласам со една сатирична изјава на еден пријател дека „спомениците на ДПМНЕ беа далеку подобри и поубави“, но за жал ни тие споменици на режимот, а и овој буквално, да ми простите на речникот “немаат врска“. Зарем Мајка Тереза или жената Гонџа Бојаџиу, Албанката од Скопје, заслужува таков третман? Ова е буквално подигрување со нашето културно наследство, ова е непрофесионален, непринципиелен однос кој не го заслужува никој, а најмалку хуманитарката за која слушна цел свет. Знаете ли против што се бореше Мајка Тераза? Знаете ли кој беше аманетот за кој доби Нобелова награда? И додека бездомници и деца без родители се шетаат по улиците и спијат по парковите, “нашата држава“ наместо социјално да ги згрижи, да ги нахрани, да им обезбеди облека и покрив над главата, она за кое што се залагаше Мајка Тереза цел живот, некој неписмен решил сето тоа да го замени едноставно со споменик кој повеќе наликува на гробница, отколку на некакво спомен обележје.
Дали еден естетски урбанистички ужас заменивме со друг? Да бидем реални еднаш за волја на вистината и за почит спрема очите кои ги носиме, уметноста и естетиката која ја препознаваме како добра и намената за едно спомен обележје – ова е срам за сите нас, особено за оној кој се потпишува како автор на ова решение. “Блиску е до паметот“ на местото на раѓањето, на местото каде живеела да се постави монумент кој личи на класична гробница, со право луѓето коментираат дека со ова Бутел градоначалникот го донел во центарот на градот.
До кога ќе пристапуваме морбидно и невкусно со оние кои всушност би требало да бидат претставници на нашата заедница, згора на сѐ, не верувам дека ова е најевтиниот проект кој можел и морал да се изведе, постави. Ако нејзиниот живот сам по себе бил контроверзен, да не навлегуваме во една таква анализа, пристапот кој “нашата земја“ го има кон оваа жена е брутално деконструктивен, нечовечки, нетолерантен. Од една страна направија “шарам-барам“ музеј кој воопшто не соодветствува со просторот каде е изграден, а за истиот се има говорено и пишувано на долж и широко колку е проблематичен од многу аспекти, сега го имаме и ова ужасно и бедно интерпретирање на ни повеќе ни помалку - смртта. Независно од тоа дали нејзиниот живот и дело се само лажен мит и приказ на една искривена реалност, мора да потенцираме дека додека се градат нови споменици, едни други, далеку поважни од овие скапуваат и се распаѓаат ширум Македонија.
За да не одам далеку, да не пишувам за фреската со Ангелот од Курбиново, во Црквата Св. Ѓорѓија, за која со години нашата јавност слуша дека се распаѓа, а видовме само дрвена конструкција која би требало да асоцира на процес на реставрација, сакам само да потсетам за Споменикот на бегалците од кој беше извадена историјата и сѐ уште не е вратена, а се наоѓа недалеку од ова ново, генијално чудо, кое по самата големина на постаментот асоцира на саркофаг. За жал ова воопшто не е „достоинствено решение“, ова е кич кој буди дополнителен гнев кај граѓаните и за ова некој треба да сноси морална одговорност. Си играме „селата на Потемкин“, се градат кулиси и привиди, ништо не е квалитетно и репрезентативно, напротив ова ја дотолчи и така избледнетата гордост која ја имавме како народ. Ако претходните криминалци беа покажувани со прст, мораме со истото внимание и желба да апелираме и потенцираме на ваквиот однос кој во продолжение ни се пласира како нешто подобро. Не е, истото е, само што луѓето веќе ја губат волјата да критикуваат и да се спротивстават на ова безумие.
За крај: Ќе можат ли да се палат свеќи на “спомен гробот“ или ќе мораме да се однесуваме во склоп на околниот амбиент од хотел Мериот?