logo

# Критика

Аргументи против образование на далеченина (Distance learning)

насловна слика
Аргументи против образование на далеченина (Distance learning) Пред околу еден век во германскиот град Вајмар била основана Баухаус школата за уметности. Таа важела за практично преточување на идеите на американскиот педагоф и филозоф Џон Дјуи и неговите погледи за прогресивно образование. Баухаус тогаш бил експеримент. Од тој експеримент денес можеме да заклучиме дека ,,колективноста" во образованието добива едно повисоко значење. Како и акцентот на ,,социјализирачкиот" момент на образованието кој сè помалку е застапен денес. Образованието на далечина е уште еден ужас како од децата на произведе менаџери и работници, наместо мислители и луѓе. Трагедијата на нашето мехатронско општество е дека вештините се повозвишени од карактерот. Карактер кој се калеми само во нашата интеракција со други. Во Баухаус студентите не само што учеле заедно, туку и живееле заедно! Не во интернатска смисла, туку во смисла на домување, оделе на излети, споделувале храна и сите потфати интердисциплинарно и колективно ги оформувале. Како едно современо монаштво. Карактерот се калеми во цивилизација, а не во изолација! Современиот концепт за училиште, во каков што сите ние одевме потекнува некаде од 17 век преку концептите на чешкиот педагог и теолог Јан Амос Коменски. Од него наваму има своевидна ,,демократизација" на образованието. Образованието и уметноста во предмодерните општества е нешто својствено за побогатата класа. Во совремието стремежот е достапноста на тоа образование. Многумина денес уживаат плодови на нешто што со векови се градело. Работите кои нам ни се ,,дадени" биле порано незамисливи. Зависноста од дигиталните направи со цел да се изведе ова образование навидум изгледа демократична, но сепак не мора сите работи нужно да ги спрегнеме во служба на технологијата. Образованието е вонтехнолошки концепт кои во себе има цивилизациски придобивки. Образование не е 10 прашања на заокружување, образование е стремеж кон подобро општество. Кризата нè натера да размислуваме за алтернативи, но нашите алтернативи не секогаш се добри. Учењето на далечина создава еден неодржлив хаос кој се бори помеѓу квалитетот и безбедноста. Јакнејќи ја безбедноста тотално го уништува квалитетот. Мора да се разбере дека со жртвување на едно нешто, произлегуваат непредвидливи последици во работи кои не сме ги ни очекувале. Само ,,да се протурка" годината има во себе голема декаденција, каде редефинирањето на образовните стремежи од колективни и карактерно-образувачки ги сведуваме на трупање вештини кои го отуѓуваат човекот и му ја одземаат смислата. Интердисциплинарното и севкупно образование го облагородува човекот, а тоа се прави само под одредени услови на колектив. Сувопарното голтање информации од информатички систем ги прави дигиталните апарари цел, а не средство до целта. Кога на некоја работа и ја одземеш смислата и првичната намена, таа престанува да биде она за што е створена. Образованието на далечина престанува да биде образование од самиот почеток бидејќи ги губи смисловните процеси на кој се темели образованието. Тоа не е образование туку виш туторијалски семинар за прибирање вештини. Кирил Дончов

Коментари


Остави коментар