Кончено стигнавме и до тука. Медена Земја е светски признато филмско дело кое ја освојува публиката од далечната Индија до блиската Холандија, а домовите на култура низ Македонија се исто толку полни колку и кино салите во Њу Јорк. Странската филмска критика го воспева како уникат, а домашната уште не е сигурна како ваков продукт може да излезе од нашата кинематографија. Ги допира срцата и на оние кое се загрижени за животната средина, но и за самиот живот. Во светот ги собира сите можни награди од различни категории на фестивали, а дома луѓето се собираат околу самите автори со цел да ја слушнат приказната што се случувала и зад камерата. Од Санденс до Холивуд, ова е сонот на секој филмаџија. Тешко е да се сумираат импресиите за Медена Земја, но јас се обидов занаетски да ги лоцирам причините зошто овој филм не престанува да се надминува самиот себеси.
1. Кинематографијата
И двата пати кога го гледав филмот несомнено е дека тоа што најмногу ме водеше низ визуелните издишувања на природата, што Самир Љума и Фејми Даут ни ги доловија, е фотографијата која ме потсети на епските документаристички дела за дождовната шума во Амазон и ловот на зебрите од африканскиот био-систем. Пчелите се скриениот протагонист во овој филм, а нивната полнота најмногу ја доживуваме преку осетот и комуникацијата што со камерата ни ги прават двајцата сниматели. Преку нивното вешто око верувам дека целиот еко-систем на нашата планета би добил една естетска нота, која несомнено ќе одекнува и многу после ова дело.
2. Атиџе
Тивката, но борбена Атиџе е шармот и душата на филмот. Ако пчелите се метафората за животната средина, таа е метафората за ЖИВОТОТ. Ако преку кинематографијата ја добиваме еколошката порака на филмот, Атиџе е олицетворение на социјалната порака. Во неа се содржани емпатијата, љубовта, грижата, сострадувањето со човечката состојба, а ова е најмногу изразено преку односот со нејзината мајка, кој на некој начин и ја дефинира Атиџе. Своите најкршливи моменти ги доживува токму тогаш кога е соочена со реалцијата која насетуваме дека со години се градела со Назифе, нејзината осумдесет годишна мајка.
3. Споредните улоги
Вториот субјект со кој Атиџе доаѓа во конфликт се комшиите. Тие многу помагаат да се доизгради и комплетира ликот на Атиџе, но вистинската моќ кај нив лежи во тоа што и кога не ја гледаме нејзе тие во себе имаат доволен драматуршки потенцијал да не водат од ситуација во ситуација. Приказната за семејството на Хусеин, кој ни е прикажан како спротивност на Атиџе се чини дека не може да биде доискажана, колку и ситуации да видиме со него и неговото семејство се чини дека тие се неизмерен извор на човечките слабости. Покрај тоа, длабоко издефинираните односи на Хусеин со сопругата и децата предизвикуваат на смеа, болка и тага кај сите нас.
4. Веројатноста и веродостојноста на приказната
Јазикот на кој ни говорат ликовите е многу близок и едноставен. Тие ни праќаат пораки на една трајност, место во кое времето стои, а проблемите стануваат потрајни и потрајни на ниво на неподносливост. Гледачот на запад би рекол дека Медена Земја зборува за некое многу далечно место каде преживувањето е нужност, но многу брзо ќе сфати дека Атиџе и нејзините комшии се наоѓаат само неколку километри од најголемиот град во државата во која потекнуваат. Приказната е многу веројатна и веродостојна, таа никогаш не излегува од доменот на своето делување, секогаш во веќе воспоставените граници и систем ни открива повеќе и повеќе за себе и за оние кои делуваат во неа. ,,Ова се случило, ова се случува, ова ќе продолжи да се случувa" - си говориме во себе додека гледаме како ден по ден животот на Атиџе станува поверодостоен до реалноста која навистина можеме да си ја замислиме. Веројатноста на нештата да се случат и веродостојноста дека тие се случиле кулминираат во последната и најбитна работа што го прави филмот ремек-дело.
5. Искреноста
Големите уметнички дела го преживуваат тестот на времето. Во големата слика на нештата таа издржливост на едно дело низ различни култури и контексти го прави надвременско. Медена Земја досега покажува дека комуницира на различни видови луѓе, понекогаш и различни пораки, но пораки кои упатуваат кон една целина. Едноставноста на делувањето на Атиџе е она што оваа приказна ја прави искрена, простодушноста која во секое дело и секоја реакција ја гледаме во Атиџе, не прави да се поистоветуваме со ликот. Ако некој автор успее да не поистовети со ликот, тој го завршил поголемиот дел од работата. Ние за Атиџе се врзуваме поради нејзината искреност, а преку тоа заклучуваме дека и целата приказна е искрена и потекнува и пулсира од едно срце, нејзиното, но и на целата екипа. Историјата на правењето на филмот само ја надополнува оваа слика. Во секој момент, на и зад камерата ние сме соочени со искреност, која многу лесно може да ја катапултира Медена Земја филмски кажано ,,во ѕвездите".