Живеам во сегашноста
„А каде живеам на друго место ако не во сегашноста?“ Ова беше првото прашање што ми се појави во глава кога прочитав дека мора да научам да живеам во сегашниот момент и да ја сфатам моќта што ја има баш тој момент на патот кон поубав и поисполнет живот.Да, мислев дека сум во сегашноста и бев, ама само физички. Кога тргнав да го проучувам и да размислувам за ова, сфатив дека сум или во минатото или во иднината, секаде, само не тука, овде и сега. Сигурно на повеќето од вас, ви се случило да стигнете до одредена дестинација, а да не се сеќавате дали на семафор сте поминале кога било уклучено зелено светло, да се замислите дали сте ја заклучиле влезната врата, дали сте ја исклучиле пеглата, дали сте го затвориле прозорецот... Е па да, тоа ми се случуваше и мене и сè уште ми се случува понекогаш (но, не толку често колку во минатото) и беше доволен показател дека не сум била присутна во сегашноста. Сум била некаде...И да бидам искрена многу е тажно сознанието дека животот и сите моменти во него поминувале покрај мене, а јас не сум успевала да ги перцепирам само заради тоа што сум била фокусирана на нешто друго, нешто што веќе поминало и никогаш нема да се врати или нешто што мислам дека ќе дојде, а не знам воопшто дали некогаш ќе се случи. Сфатив дека голем дел од стравовите, фрустрациите, тоа што не бев доволно среќна доаѓаше баш од тој факт, што не живеев во сегашноста, што не му се радував доволно на животот. Со одреден дел од мислите бев заглавена во минатото. Постојано вртев во глава некои ситуации кои ме повредиле или по кои жалам бидејќи поминале или пак размислував за иднината, дали ќе се случи нешто, како ќе се справам со тоа, што ме чека утре, за некоја недела, месец година... Едното ми носеше фрустрации, другото ми носеше стравови, само ништо од ова не ми донесе среќа. И тоа траеше со години.Ова сознание беше доволно како показател, дека вака испрограмираниот мој мозок мора да се „форматира“ и да се стави нов програм. Почнав да правам вежби за да ги фокусирам мислите на сегашноста. Вежбите беа скроз почетнички и не одеа лесно. Прво за постигнување на состојба без мисли ама само на 3 секунди, па 5, па 10, па 15... И колку и да изгледа дека 3 секунди се многу малку, мене на почетокот не ми успеваше ни ова. Едноставно имав некоја галама во глава која мораше да се смири, за да можам да се слушнам себе си и тоа што во одреден момент се случува околу мене. Потоа правев вежба во која пиев вода ама се фокусирав на секоја голтка од водата и патот што го поминува низ телото. Наменета беше токму за тоа, да го доживеам моментот. Уфф, страшно многу помага оваа вежба. Јас никогаш претходно не сум го доживеала ова чувство и целата моќ што ја има водата. За мене секогаш водата беше само течност што ја задоволува жедта. Никогаш ја немав почувствувано целата енергија што водата ја носи во себе. Исклучително моќен момент. Продолжив да ги правам вежбите фокусирана на сите работи што ги извршував во текот на денот. Свесна за движењето на рацете и сите предмети што ги допирав со нив, практикував вежби за свесно одење, кога станував свесна за секој поминат чекор, за целата природа што ме опкружува, практикував и свесна прегратка. Посебно ова со преграткава ми беше интересно бидејќи често ми замеруваат дека не сакам да се гушкам и постојано се зезам за ова прашање на моја сметка, но некако интуитивно веројатно сум забележала дека прегратката не е само взаемно заобиколување со рацете на телото, туку има нешто повеќе во тоа и секогаш ми изгледаше непривлечно и лицемерно кога луѓето само ќе се прегрнат, баш така, од навика. Но, низ овие вежби, наидов и на една одлична вежба што ја препорачува Дипак Чопра за прегратката и соочување со сегашноста. Ја испробав со некои мои драги луѓе и навистина многу добро функционира. Кога ќе се прегрнеме, броиме до 3 и на секое броење длабоко земаме и испуштаме воздух во исто време. Тогаш стануваме свесни за целата енергија што си ја даваме и примаме еден од друг. При гушкање телата ни се допираат најмногу во делот на срцевата чакра (или чакра на душата) и навистина кога ја применувавме оваа вежба станувавме свесни за моментот кој нè опкружува и кого имаме во животот за да размениме енергии. Колку е всушност моќна прегратката во тој момент. Ако сите ја проживуваме вака прегратката, веројатно ќе стане јасно зошто ја избегнувам или не ја практикувам често кон било кој. Едноставно не сакам да ја потценувам моќта што ја има. Деновиве што следат знам дека многу луѓе ќе ја избегнуваат бидејќи така некој им препорачал, ама јас баш сега сакам да ги гушнам сите луѓе што ми се драги за да им покажам дека се тука, присутни во мојот живот и го делиме истиот сегашен момент. Исклучително многу помага и медитацијата. Мислам дека покрај благодарноста, медитацијата е најмоќната вештина што ја стекнав за да се спознаам себе си. Ми даде одговор на мојата најголема мистерија: „Која сум јас?“. Почнав да се перцепирам самата, а тоа ми го даде и одговорот.Живеењето во сегашниот момент бара многу труд и вежбање. Многу е лесно да ме повлечат минатото или иднината, особено што многу долг период сум живеела така. Дури сфаќам и дека така повеќето од нас се испрограмирани. Постојано нè учеле да се грижиме за нешто и не нè оставале да уживаме во сегашниот момент, па веројатно и не е толку чудно што сега тешко е да се фокусираме на сегашноста. Сите сте ги слушнале муабетите: „Од играчка, плачка“, „Да е на арно смеењево„, „Ех, тешка е староста, да ми се врати младоста“... Сите овие реченици што некој околу нас ги изговарал без да размисли, на некој начин несвесно нè испрограмирале да мислиме на минатото и иднината и не ни дозволувале да го проживееме вистински сегашниот миг. Јас не се сложувам со ниту една од нив, ама сега кога станав свесна за пораката што ја носат. Во одреден дел од живото навистина ми беа некако застрашувачки, а ги прифаќав и постојано бев во исчекување дека нешто лошо треба да се случи. На крај сфатив дека добро или лошо, сè што треба да се случи, ќе се случи, без разлика дали јас ќе мислам на него или не. И подобро да го проживеам тоа во вистинскиот момент еднаш отколку секој ден да „вртам сценарија“ во глава кои ќе ме спречат да го живеам животот слободно и исполнето со радост.Сега откако се трудам да бидам свесна за сегашноста, многу ми е жал кога ќе видам луѓе како шетаат на кеј, а прават муабет за некоја лоша случка од работа, кога ќе стават објава уште во понеделник дека чекаат да дојде петок или дека мразат што е понеделник, кога зборуваат дека се плашат што стареат, бидејќи сфаќам дека се заробени и не уживаат во моментот. И јас бев таму и сега понекогаш знам да „забегам“ најчесто кон иднината, бидејќи минатото на мое огромно задоволство го оставив да биде минато, ама се трудам брзо да се вратам назад во мигот. Кога шетам во природа се трудам да сум фокусирана на неа и да ја примам целата енергија што може да ми ја даде. Не се жалам што морам да одам на работа, па тоа секој ден ми дава нови искуства, добри случки, смеење, добри колеги и креативно исполнет ден. А за староста не размислувам како на нешто страшно, еве сега сум постара ама да бидам искрена подобро се чувствувам отколку пред 10 години, а и побогата со искуства и сознанија.За крај ќе кажам и дека соочувањето со сегашноста ми го успори времето. Веќе не ми „летаат“ деновите, неделите, месеците, годините. А и престанав да чекам да дојдат„подобри денови“, „нова поубава година“...Секој ден е убав на свој начин само ако сме тука за да ја забележиме целата убавина што ја носи со него. Пробајте да живеете во сегашноста, ќе сфатите дека ќе ви донесе огромна слобода и задоволство и ќе ми биде многу мило ако се среќаваме свесвни едни за други и за мигот во кој живееме 💕