Храната ми дава енергија
Една од илустрациите одлучив да ја посветам на исхраната, бидејќи кога размислував што сè ми има помогнато да си го сменам погледот на животот, дефинитивно еден од нив е начинот на кој гледам на храната. Кога почнав да работам на тоа, да исфрлам работи кои што не ми служат во животот, сфатив дека начинот на кој се хранев мора да се промени. И почнав да барам различни исхрани, да размислувам што би можело да ми пречи, што да ми дава позитивни резултати...пробав и се информирав за еден куп различни начини на исхрана и во комбинација од различни препораки успеав да стигнам до некој начин на исхрана кој мене ми одговара, но овде повеќе сакав да напишам за нешто што комплетно ми го промени погледот кон храната.Гледав една емисија која беше посветена на ајурведската исхрана. Да бидам искрена, начинот како ја класифицираат храната, како препорачуваат да се конзумира и сите тие комбинации што ги прават не ми беа ниту многу јасни, ниту ме привлекоа. Едноставно ми изгледаше премногу комплицирано, бидејќи ќе требаше да посветам премногу време за да го постигнам тоа, меѓутоа погледот што го имаат кон храната ме фасцинираше. Девојката објаснуваше дека мораме да имеме медитативен однос кон храната ако сакаме да ги почувствуваме сите бенефити од неа, да се задоволиме со малку храна, да примиме позитивна енергија и да не внесуваме отрови. Сето ова е на едно енергетско ниво, без разлика која храна ќе ја внесете.Објаснуваше дека целиот процес почнува уште од моментот на бирање на храната кога ја купуваме, па ја готвиме, па се додека да завршиме со јадењето. Уште додека е храната во маркет или на пазар треба да ја избереме сосема внимателно и додека ја бираме да размислуваме за тоа дека ја купуваме за да ни даде енергија и здравје, мора да ја бираме внимателно, со посветеност, а не само да „фрламе“ продукти во корпата за пазарење. Исто така страшно е отровно да се јаде „од нога“ или додека сме фокусирани на нешто друго наместо на храната. Особено ако разговараме за дневни проблеми со една разорна енергија, ако гледаме вести кои најчето се негативни, ако се расправаме на маса додека ручаме, наместо да направиме една хармонија. Храната ја прима целата таа енергија и ние потоа ја внесуваме како отров. Дури тука некаде „лежи“ и објаснувањето зошто луѓето се молат пред да почнат да јадат.И нешто што ме воодушеви и што многу ме освести во поглед на храната беше моментот кога кажа дека некогаш кога готвела, а била прилично изнервирана, нејзиниот сопруг ја забележал и само ѝ кажал: „Те молам немој да готвиш денес, веројатно не си свесна дека ќе јадеме отров“. Ууу колку ми се допадна ова. Во момент разрешив еден куп недоумици, разјаснив работи што не ми беа јасни, си ветив дека ќе готвам многу повеќе отколку до тогаш, бидејќи ја свртев обратно реченицата и сфатив дека ако кога си лут даваш отров, тогаш кога си смирен сервираш еден куп љубов за тие што готвиш.Иако не бев некој фан на готвење, од тој ден многу повеќе, всушност ептен, почнав да сакам да готвам. Колку и да сум уморна од денот, наоѓам време да зготвам и искрено го доживувам готвењето како медитација. Ме опушта и ме смирува. Ми буди креативност бидејќи често сакам да пробувам нови рецепти, а ми ги подобри и вештините во кујна. Сега сигурно јадеме барем 70%-80% зготвена домашна храна. А уште повеќе ми прави задоволство тоа што преку храната ширам љубов, која ја чуствуваат во вкусот.Меѓу другото, сигурно и вас ви се случило да ви каже некој: „Еј вкусно е ова, ама мајка ми (или баба ми) го прави поубаво.“ И за некој тоа ќе биде демотивирачко или наврдливо, ама за мене не е, од причина што сфатив дека е нормално. Не постои некој што ќе зготви со повеќе љубов од мајка за своетео дете или баба за своето внуче. 😍Многу е важно да сте свесни за енергијата што нè опкружува и што ја шириме, па дури и врз храната. Изберете си исхрана која ви одговара, но научете да се фокусирате да си го слушнете телото. Ве уверувам дека ќе ви даде одговори што сè му треба или му штеи. Не бидете престроги со ригорозни диети. Понекогаш бидете попустливи кон себе и дозволете си мали задоволства, но не претерувајте. Секогаш, дури и да јадете сами згответе си и трудете се да ја сервирате храната како да сте во најдобриот ресторан. И пред да почнете да јадете, кажете си дека количината на храна што ја внесувате е всушност енергијата (горивото) што ви треба за да ги исполните сите обврски што ги имате од еден до друг оброк. Ве уверувам дека многу ретко ќе се прејадувате и ќе имате многу повеќе енергија. 💕