logo

# Илустрација

Ви простувам!

насловна слика
Бидејќи сите илустрации за овој проект ги нацртав претходно, а текстовите ги пишувам моментално, неколку пати кога ќе отворам за да видам која е следна за која треба да пишувам текст, и кога ќе ја погледнам оваа илустрација ми предизвикува неверојатно чувство на олеснување. Баш така како што сум ја нацртала, чувствувам како да сум го отворила кафезот на душата.Посветена е на простувањето, ама не она обично простување „на дневно ниво“, ќе се налутам со некој, па треба да ми помине по некое време лутината за да почнеме повторно да разговараме. Ова е простување за некои многу „големи работи“, за кои сметав дека некој ми згрешил нешто. За некои бев свесна, за некои не, сум ги чувала таму длабоко закопани во мене, сум мислела дека сум простила. Кога тргнав да ја барам „слободата на пеперутката“, често наидував на вежби и техники наменети токму на простувањето. И секаде имаше објаснување дека треба да простиш не заради другиот, туку заради себе. Ја чуваш во себе целата лутина и си нанесуваш сам на себе огромна штета и болка, а всушност тој кон кој е насочена лутината или не е свесен за неа или едноставно не му е гајле.Порано на шега, кажував: „Јас не сум злопамтило, јас сум зловратило“. И го објаснував тоа дека не сакам да се замарам да памтам, па затоа ќе вратам веднаш. 😄 Преку вежбите и техниките сфатив дека всушност поентата на простувањето е токму тоа, да го разбереш другиот и да заборавиш. Ако се навраќаш повторно со емоции, од ново на ситуацијата, дефинитивно немаш простено, таму некаде во потсвеста. Оваа постапка воопшто не е лесна, тоа го тврдам. Можеби беше и една од најтешките бидејќи на свесно ниво кажував дека сум простила, дури и си верував на тоа ама по некое време повторно се враќав на почеток, нешто ќе ми покаже дека не е така. И навистина ми требаше многу време. Посебно тешко одеше со луѓе со кои сум во постојан контакт и кои ми значат. Полесно е да простиш на некој кој не го гледаш постојано. Овде еден обичен муабет може повторно да ти ги разбуди емоциите што ќе те потсетат дека немаш простено. Овој процес мораше да оди постепено. Употребив неколку техники и вежби. Како за почеток, многу ми се допадна вежбата што ја прочитав во една од книгите на Ниши. Инсистираше да се послужам со хартија и бои. Да се насочам кон некој на кој што би сакала да му простам и преку цртање со боите да ги изразам чувствата што ги имам кон него. Да цртам така како што би сакала да му ја „истурам“ цела лутина и гнев. И откако цртежот беше готов, требаше да го анализирам и да си признаам на себе си дали би сакала да ја закачам таа слика на ѕид и да ја гледам секој ден по неколку пати. Wow, колку беше добра вежбава. Нормално дека сликата беше ужасна и дека не би ја закачила на ѕид, не заради лошото цртање, туку заради боите (сигурно не употребив розеви и виолетови, пастелни бои...), заради тешката енергија што ја носеше... Па всушност сето тоа јас секој ден го „гледав“ во мене. После оваа вежба, првиот чекор беше направен, се убедив дека колку и да е мачно и долго, овој процес мора да го донесам до крај заради себе. Следниот чекор беше да пробам да го напишам тоа што го чувствувам кон некого, меѓутоа да се исконтролирам да не вложувам емоции. Значи да не ја проживувам повторно ситуацијата, туку да ја пишувам само како некакво соопштение. Овој процес беше нешто слично како кога ќе земете да одвртувате шрафчиња, не знам дали ви се случува ама мене секогаш, од четири, едното стално да е запечено, да шлајфува... И ќе го прескокнам, ќе одам на следното, па ќе се вратам на ова, па пак нема да ми успее, па ќе ме фати сафра, па ќе го оставам не го одвртувам, нека стои ќе правам нешто друго. Ама неее, сум се нафатила, паметот ми е таму, морам да го одвртам. Ќе пробам пак, не иде. Ќе барам друг шрафцигер, пак не иде...дефинитивно ќе го оставам. И ќе заборавам на него 2-3 часа и ќе пробам по некое време пак и оп ќе се одврти без напор. 🙃 Е таков е овој процес. По многу мака, кога ќе помислев на случката одеднаш немав веќе емоции, дури се проверував и по неколку пати ама ете навистина ги немаше.Паралелно со овие вежби практицирав и медитации и тоа медитации посветени на простувањето. Навистина многу помагаат, некако ги омекнуваат емоциите, дури се случуваше да излезам од медитација расплакана, едноставно те тераат да ги отпуштиш сите отпори што ги имаш. На свесно ниво, колку и да ми е тешко, од инат, од срам, од гордост, од не знам веќе што... нема да заплачам или ќе се воздржувам колку можам, но во медитација тоа едноставно не може да се контролира. И на крај сфатив: „Ако ти се плаче, плачи“. Плачењето е природен процес, преку плачењето ја признаваш ситуацијата. Тоа што не учат дека не треба да плачеме бидејќи е срамота, голема си, машко си, треба да бидеш храбар, е само заради тоа што некој сака да те обликува така како што него му одговара за да те манипулира. Ако му е навистина грижа за тебе, ќе ти каже: „Исплачи се, ќе ти олесни“.Двапати ми се случи во медитација да добијам информација зошто ме боли вратот долго време или ногата, бидејќи чувам лутина кон некого. И да тоа сознание ја излекува болката, не веднаш, но за неколку дена. Само клучно беше дека јас си признав.Кога успеав да се изборам со простувањето, можеби звучи нереално, но јас успеав да почувствувам физичка промена, односно олеснување. Како да излегов од состојба на грч, едноставно телото ми се опушти и тоа не беше состојба што траеше неколку минути, туку состојба што и денес ја чувствувам. Поради тоа и погоре кажав дека ми се отвори кафезот на душата.Како за крај, многу е важно секој да сфати дека никој не е одговорен за тоа што ние се чувствуваме лошо поради него. Одговорноста е во нас, прашањето е дали ќе ја прифатиме или ќе наоѓаме причина некој да ни е виновен што се чуствуваме така. Со тек на време ќе сфатите дека сите овие настани и луѓе на кои требало да им простите се всушност лекција пратена од универзумот. Јас длабоко верувам дека сите сме дојдени тука со цел да станеме подобри луѓе од првичната верзија. Одлуката е наша дали ќе одиме напред кон целта или ќе тапкаме во место. Јас веќе не само што им простив, туку сум им благодарна што ме натераа да го изодам целиот овој процес, да совладам уште една лекција. Потрудете се да им простите на сите, чувството на олеснување е непроценливо. Направете го тоа заради вас. 💕

Коментари


Остави коментар