Уживам во малите задоволства
Оваа илустрација е посветена на детето во мене. Да, детето што мислам дека никогаш нема да порасне. Еден дел од мене што секогаш ќе остане да се радува на малите нешта, наивно и без калкулации, да ужива во игрите и занимациите исто како во детските денови. Детето што ми пружа толку многу задоволства и убави доживувања. И што не ме остава да ми биде досадно во животот.Кога имав околу 16-17 години, се лулав на лулашките во маало, со истата полетна енергија како кога бев дете од 4-5 години. Дојде една повозрасна комшика и некако занервирано ме праша: „Не мислиш дека се лулашкиве за деца?“ Јас се подзамислив, па и реков: „Па и јас сум дете!“. Се сврте и пред да си замине, си искоментира: „Па и јас сум им дете на мајка ми и татко ми, ама тоа не значи дека треба да се качам на лулашка“. Веројатно, сакаше да се засрамам од постапката, ама искрено, ми даде лекција во една реченица, што ќе си ја чувам до крајот на животот. Лекција како да си го зачувам детето во мене, без оглед на годините. Реченица за која сум и вечно благодарна и на која секогаш со радост се потсетувам. Секогаш кога некој ќе се обиде да ме соочи со годините што си ги носам, јас се потсетувам на оваа случка.Границата дека не треба да се качи на лулашка, госпоѓава си ја поставила сама, ако пробаше да се лула, сигурно супер ќе се забавуваше. И еве поминаа уште 20тина години од тогаш и мојот став не се промени. Само уште повеќе продолжив да го сакам и да го негувам детето во себе. Понекогаш го заборавам, толку многу им се препуштам на грижите и им давам да ме повлечат. И може да трае тоа неколку денови, но кога ќе станам свесна за состојбата во која сум се донела, си помислувам: „Еј, утре ќе огрее повторно сонце, со твоите грижи или без нив, ќе се раздени и животот ќе си продолжи, најдобро е да си уживаш.“ И некако оваа реченица секогаш „пали“, да го разбуди. Бидејќи по патот на овој процес на трансформација, што решив дека ќе го пробам дали функционира, често пати читав за тоа дека треба да се ослободиме од стегите што ни ги наметнуваат сите околу нас, приказните за годините, нормите за сериозност во однесувањето... и да се посветиме на малите задоволства и уживањето, јас решив дека ќе посветам дел од моето време на ова, па така се трудам секогаш, барем еден ден во неделата (најчесто недела), да им се препуштам на детските „глупост“ и да си дозволам да уживам во нив. Недела е ден за цртање, правње фигури од разни материјали, лежење на некоја ливада...Кога одам на патувања во секој град обавезно ја посетувам зоолошката градина, ако знам дека има забавни паркови редовна сум и таму, а и во продавниците за играчки и книжарниците. И особено ми е убаво кога ќе излезам на пауза и си трчкам и потскокнувам по улица низ центарот на Скопје.😃 Знам дека звучи многу детинесто, ама ја обожавам таа енергија на детето во мене и чувството на безгрижност. Ако го имате „заспано“ детето во себе, ви препорачувам да го разбудите. Заборавете на сите грижи што ги имате барем на момент, игнорирајте ги погледите на „осудување“ од луѓето, затоа што се однесувате „незрело“ и уживајте во детската слобода. Пружете си мали задоволства. Прилично сум сигурна дека ќе станете зависни од ова чувство, ќе сакате секој ден да се дружите со него. 💕П.С. Јас ве поздравувам со приказнава од мојата тераса, која во моментов е плажа, а легенот со солена вода, е моето море. Полека ќе се прибирам, почнува да станува ладно 😃