Тоа ми е стара слика...
Дојде на ред да ја објавам и последната илустрација и тука да заврши проектот „Од ларва до пеперутка“. Всушност оваа илустрација е само прецртана во мојот стил од една сликичка, која беше инспирацијата за формата на целиот овој проект. Како што пишува и на неа, идејата е позајмена од непознат автор. Ја објавувам последна, но всушност беше прва во низата од 25 илустрации. Долго време, сè ова што го прочитав, научив, вежбав и тестирав сакав да го споделам во некој проект. Ја имав идејата во глава, го имав името на проектот, но некако не можев да ја дефинирам формата, бидејќи сакав да биде споделен на некој поинаков начин од тоа што до сега сум го сретнала за вакви проекти, но и да ми биде поблизок на мене и мојата работа, за реализација, па кога сестра ми ми ја испрати оваа сликичка веднаш ја споделив и знаев дека тоа е тоа, ќе го работам проектот низ илустрации, на кои ќе има пораки и ќе служат како визуелни потсетници. За да го составам концептот ми помогна книгата „Твојот втор живот започнува, кога ќе сфатиш дека имаш само еден„ (одлична книга, ја препорачувам можеби како една од моите омилени).Ја одложував објавата на последнава илустрација бидејќи имам измешани чувства. И се радувам, и сум тажна. Се радувам дека успеав да го донесам до крај, иако на почетокот бев со мисла дали „си земав уште една беља на глава“, во смисла дека бараше многу време и посветеност за реализација на илустрациите и секако редовно пишување на текстови, но некако толку лесно тргна, што уживав во секој момент при реализацијата. Едвај чекав да дојде време да пишувам нов пост. Тука веројатно голем удел имаше и енергијата што сите ми ја даваа со позитивни коментари, пораки што ми стигнуваа во инбокс, споделените искуства. Многу ми е мило дека беше позитивно прифатен, дека стекнав неколку нови пријатели, со кои се допишуваме ама уште не сме се запознале во живо, дека некои мои „стари“ пријатели се отворија да ми кажат некои работи што ги мислеле за мене ама до сега не ми ги спомнале, едноставно подобро се запознавме.Тажна сум дека завршува проектот и дека нема толку често да комуницираме на вакви теми, бидејќи мислам дека нè поттикна сите (барем тие што покажаа дека го следат) на размислување и на разменување идеи, техники и искуства. Мене ми беше прибежиште кога околу мене ќе почнеше да се насобира, во изминатиов период, многу „набилдана“ негативна енергија. Со него успевав да си ја задржам позитивната вибрација. Во стилот на целото ова учење, проектот дојде тогаш кога најмногу требаше. Но, ете за да мислам позитивно, се надевам дека наскоро ќе има некој нов ваков проект, кој ќе може да го реализирам или реализиран од некој друг, на кој ќе може да се приклучам, како што се приклучуваа луѓе кон мојот.Овој проект беше уште една од низата вежби за мене. Низ годиниве додека го спроведував на мене целото ова учење, сфатив дека вистински сум победила нешто, сум надминала некој проблем, само тогаш кога ќе успеам гласно да го кажам, без разлика дали е тоа само пред сама себе или пред некој друг. Се додека само во главатa си кажував дека е надминат, не беше, тоа беше само една голема лага што си ја кажував на себе и во која сакав да верувам. Заради тоа и одбрав да споделам јавно сè околу учењето и целта кон која се стремев, за да проверам дали навистина сум подготвена да одам по овој пат што го одбрав. Раскажав многу лични примери, искажав мои ставови, покажав во која насока сакам да се движам без да размислувам дали на некој ќе му се допадне тоа или не, дали ќе се сложи, дали после ова ќе гледа поинаку на мене. Мене ми е важно да си бидам своја.Другата причина поради која сакав да го споделам, беше да ја подигнам вибрацијата кон позитивно размислување и да ги разбијам предрасудите околу ваквите учења и општо околу сè што е надвор од рамките кои ни ги поставува општеството. Често слушам коментари: „Абе, ајде тој ќе ми кажува што да правам“, „Ве лажат за пари“, „Измислуваат глупости за да го уништат светов“. Ете не ми беше страв, не им се предадов на предрасудите, го ставив егото под контрола, посветено вежбав, истражував, тестирав и ми успеа. Барем јас сум задоволна со постигнатото. Без разлика дали е тоа некој мотивациски говорник, автор, обичен човек, т.н. „теорија на заговор“, прво ислушував што има да каже, па потоа размислував околу кажаното и донесував судови. Не значи дека сè што некој ќе каже треба да се прифати, но добро е да се слушне. Јас дури и со тие од кој што имам најмногу научено, не се сложувам комплетно. Има теми за кои не сме на иста бранова должина, но тоа не значи дека не треба да слушнам што имаат да кажат. Едноставно токму тоа што се разликуваат мислењата може да биде мотивација за многу нови учења, за да си го најдеш вистинскиот пат. Јас и не сметам дека сите за сè треба да се сложиме, но сакам секој да си го живее својот живот исполнето и задоволно, така како што посакува, а не како некој му наметнува и да биде осудуван поради тоа што има различно мислење.Мене една од поомилените активности ми се гледање на мотивирачки видеа. Без разлика на која тема се, секогаш во нив наоѓам некоја убава лекција. Сите тие луѓе ги раскажуваат своите приказни и успеси, верувам не за да се фалат, туку за да бидат пример, да охрабрат некого, да му го покажат патот кон успехот. И повеќето од нив не го прават тоа за пари. Барем во денешно време има еден куп достапни такви бесплатни лекции, книги, видеа, емисии. Значи не треба тоа да ми биде изговор. Тоа што сум го платила биле книги што сум ги купила или семинари, но јас тоа го правам поради благодарност за трудот кој го вложиле и за сè што сум научила. Навистина сакам да им платам и воопшто не мислам дека сум оштетна, напротив мислам дека уште им должам. Дури и кога одам на концерти, на некои изведувачи што ги сакам, се случувало картата да биде, за наши услови, екстремно скапа, но никогаш не ми било криво што ќе дадам толку пари бидејќи сум свесна дека многу вечери биле со мене или пееле за мене, на You Tube, ама бесплатно, па редно е да им се оддолжам. Сакам да кажам дека се е тоа вложена и споделена енергија. Мисла, информација, па и парите се енергија која треба да циркулира. Секогаш откако ќе прочитам некоја книга, сакам да ја дадам некому. И никогаш не се оптеретувам дали ќе ми ја врати. Мислам дека сум еден од ретките луѓе што толку многу читаат и купуваат книги, а немам домашна библиотека, освен неколку стручни книги. Сметам дека книгите се носители на информации и мисли и сакам да ги дадам, за да ја продолжам енергијата, а за возврат ќе добијам нови информации. Дури понекогаш кога ќе ми се соберат многу книги дома, им пишувам на луѓе да се најдеме да им ги дадам и штом ќе ги подарам, за неколку дена добивам нови информации за книги, филмови, емисии. Веднаш универзумот ми покажува дека сум направила „добра зделака“. Мора енергијата да врти, со несподелување, не оставаме простор за нова енергија.Неколку пати добивав пораки за да ги споделувам насловите на книгите, видеата, емисиите што ги спомнувам во постовите, но јас имам „дефект“ во глава и многу ретко памтам наслови, се сеќавам само на името на авторите. Па затоа им ветив дека на последниот пост ќе ги набројам повеќето автори од кои имам читано и учено по нешто, а е добра прилика и за да се заблагодарам: Лујза Хеј, Ана Бучевиќ, Ентони Де Мело, Дипак Чопра, Анита Мурџани, Нил Доналд Волш, Естер и Џери Хикс, Крешимир Мишак, Дејвид Ајк, Еркарт Тол, Брус Липтон, Ниши... (било која книга од овие автори е според мене одлична за читање).Се надевам дека некој дел од сите овие илустрации и постови, некоја реченица, некој раскажан пример му помогна на некого и го инспирираше да почне да истражува и да бара нови искуства според своите интереси, за да си го оствари својот сон, за да си дојде до посакуваната слобода без разлика што и да смета за слобода. Навистина е доволна само една реченица или еден момент, за да знаете што не сакате да бидете и да почнете да се стремите кон она во што сакате да се претворите. Кога размислувам, кога сфатив дека сакам да си ја барам слободата на духот, прво нешто на што ми текнува е една случка кога бев на почетокот на средно училиште. Пред да тргнам тој ден во школо, на телевизија одеше некоја контактна утринска емисија и разговараа на тема што посакувате или очекувате од животот. Се јави една госпоѓа и почна да зборува дека за неа најголема желба ѝ е син ѝ да заврши средно, да дипломира, да се ожени и да си дочека внучиња. Немам поим зошто ја заслушав баш неа, ама знам дека во моментот кога го кажа тоа, се свртев накај мајка ми и ѝ реков: „И...? Да ми фрлат 3 кубика земја врз мене и да заврши приказната?“ 🙃 Мајка ми се насмеа ама со поглед ми кажа дека коментаров е претеран. Јас секогаш кога сакам да го нагласам значењето, давам такви екстремни коментари, бидејќи треба да ме „лупне“ од земја и да ме освести, а и тие околу мене. Ова мислам беше баш на место иако е прилично морбиден. На излегување од врата, само и кажав на мајка ми дека јас не прифаќам таков живот со напишано сценарио, што ќе ми помине во исчекување на неколку настани што се сметаат за животно достигнување. И многу ме мачеше оваа мисла, и многу долги години се бунтував против овие шеми, мрчев, се докажував, одбивав да ги следам... се додека по многу години, односно пред некои 9-10 години, не ми дојде во раце книгата „Будење“ од Ентони Де Мело. Поточно ми ја препорача еден колега, ми кажа дека кога почнал да ја чита, го потсетило на некои работи што јас ги зборам. И навистина, уште на првата страна, во три реченици беше напишано тоа што јас го мислев ама не знаев како да го срочам: „Повеќето луѓе, без да знаат, се заспани. Се раѓаат заспани, живеат заспани, се мажат и женат заспани, одгледуваат деца заспани и никогаш вистински не се будат. Никогаш не успеваат да ја сфатат убавината и волшебството на она што го нарекуваме човечка егизстенција“Тадаааам! Мене ова ми требаше. Го најдов патот, само треба да го изодам. Ги прочитав сите достапни книги од Ентони Де Мело и на нив се надоврзуваа нови, и нови, и нови и сите тие станаа приказна која ја живеам денес. Реалност во која си уживам на мој начин. Овие неколку реченици беа водилка за да сфатам што сакам да постигнам, ме научија дека сите одиме низ животот на свој начин, не треба да си застануваме на патот, ниту да се потсмеваме ако некој заостанал. Можеби останал само подолго да спие. Важно е откако ќе одмори да се фати за работа и да тргне да си ја бара слободата, што ќе го донесе до среќа и до тоа да биде свој.И за крај, да се одјавам во мој стил со добро познатата реченица: „Фала што дојдовте (овој пат на моите постови)!“ и што ми дававте поддршка. Ова беше една супер четиримесечна дружба со сите вас! 💕