Што не ми се допаѓа во мојот живот?
Сигурно секој барем еднаш си го поставил прашањево и си дал некаков одговор сам на себе, ама поентата на оваа илустрација е малку поинаква. Не само што треба да ве натера да си го поставите прашањето и да размислите за него, туку треба и да го запишете одговорот, и да го прочитате на глас. Не мора никој друг да го прочита, ниту да го слушне.
И одма да кажам дека мене ми одеше ептен тешко. Ми изгледаше глупаво да пишувам нешто што само јас ќе го читам, па да си зборам сама со себе, па си мислев дека немам време да запишувам, па се убедував долго време дека е исто ако „си го кажам“ само во мислите... ама не е исто. Се додека не ги напишав и не ги кажав на глас сите работи што не ми се допаѓаа во мојот живот и кои сакав да ги сменам, не се смени баш ништо.
Ама некако почнаа се повеќе да ми „зујат“ мислите во глава и одлучив дека ако можам да пишувам статуси за секакви небитни работи, да разменувам коментари со познати и непознати луѓе по социјални мрежи (најчесто да „исправам криви дрини“) , да фаќам сеир на сè и сешто и да потрошам еден куп време зјапајќи во телефон или компјутер, размислувајќи што не ми се допаѓа кај другите, можам да најдам време и да соберам сила да го направам истото за мене, па макар и да не успее.
Се измачив да напишам неколку работи, па уште потешко ми беше кога почнав да ги читам. Ми ги „параа“ ушите, ама тоа всушност беше вистински процес на признавање и прифаќање на одговорноста дека сè што ми се случува е само моја вина, колку и да сакам да најдам некој друг да ми е виновен за тоа.
Откако видов дека функционира, со денови се редеа сами уште еден куп одговори, некои многу лесни за признавање, некои многу тешки, ама резултатот беше одличен. Малку паника колку многу работи сакав да сменам, ама и олеснување од сознанието дека зависи само од мене дали ќе успеам. И успеа! Има и уште, ама не се приоритет...
Па ви предлагам на сите што сакате да ја пробате техникава, да си се поканите сами себе на едно кафе (имате време, ве гледам во Дебар Маало дека имате ), да исклучите интернет барем 30 мин. и да си направите искрен муабет. Запишете сè, па ќе го прочитате тогаш кога ќе бидете 100% сигурни дека никој не ве слуша. Знам дека тоа е „најголемата болка“. Ама и во право сте, најбитно е сами да се слушнете. За да стигнете до една поинаква весела и позитивна реалност. Со лесно!