Со „резерва“ ги прифаќам туѓите искуства
Првата лекција дека треба со резерва да ги прифаќам туѓите искуства и совети ја добив уште на факултет и некако секогаш кога ќе се посомневам во себе поради нешто што некој ми го кажува од лично искуство или сака да ме одврати од намерата, се потсетувам на неа. Еве и после толку години добро ме служи. Уште откако се запишав на факултет, ме следеше приказната за еден професор поради кој многу студенти не го завршиле факултетот или многу долго го „влечкале“. Секогаш слушав колку бил строг, како кај него на испит паѓале сите по 100 пати, не ставал високи оценки... Човекот веројатно свесен за сите тие приказни, уште на првото предавање дојде со многу јасни инструкции, принципи кон кои се придржува и нè покани, да дојде секој што сака да присуствува кај него на испит додека полагаат други студенти. Некако многу ми се допадна идејата, да ја видам и другата страна на приказната и еднаш пред да полагам јас, отидов да присуствувам на испит. Вистината беше дека студентите навистина доаѓаа неспремни, до толку што и јас не би ги пуштила да положат. Потоа раскажуваа приказни во кои сакаа да си веруваат и да си наоѓаат вина во некој друг, а не во самите себе. Веројатно тоа им беше полесно отколку да седат со месеци и да вежбаат да свират на клавир и да пеат. Мене тоа што присуствував на испитот и ја видов лично ситуацијата ми ја смени комплетно перцепцијата за професорот и студентите, ме ослободи од стравот, ме научи дека ако посветено и вредно работам сигурно ќе постигнам успех. Моето искуство за него е сосема поинакво. Јас отидов без трема, отсвирев и испеав сè што добив како задача и од „прва“ положив со 10. Ова дефинитивно беше поважната лекција во животот од тие што ни ги предаваше за музика. Ете секогаш ќе го спомнувам како добар пример и ќе се потсетувам дека не се сите раскажани искуства и вистинити.Но, мене поголемиот проблем што го имав за да престанам да ги слушам туѓите искуства ми претставуваа блиските луѓе. Секако сум си своеглава и кога ќе решам нешто мора да го направам ама кога некој близок ќе почнеше да ми зборува како да се сомнева во мене или доволно ми беше да почувствувам дека не се среќни со мојот избор, јас се повлекував и како да ми се „кршеше меракот“, па има еден куп работи што останале нереализирани баш поради тоа што не сакав да разочарам некого или да не мора после да се правдам за моите постапки. Кога тргна целиот процес на трансформација секако дел од него беше и моментот каде што треба да си простам на себе си за сè за што сум си лута. Открив дека единствено за што навистина си бев лута беше токму тоа што секогаш повеќе сакав да верувам и да им угодам на моите блиски отколку на сама себе, а реално бев свесна дека можам. Никогаш не ми недостасуваше храброст за да почнам нешто. Меѓудругото ме одвраќаа и долгите дискусии што требаше да ги водам и да се убедувам со некој дека ќе успеам. Многу ми помогна објаснувањето дека тоа што луѓето сакаат да те предомислат во немарата е всушност нивниот страв од твојот успех, тоа што тие немале доволно храброст низ животот, нивите лоши искуства и фрустрации... Супер, сега кога го знам ова и кога си простив, со одлука дека секогаш ќе си се ставам јас на прво место, единствено што требаше да направам е да пробам.Почнав да го спремам проектот за Скопје и за него знае многу малку луѓе додека беше во работна фаза. Не сакав да зборувам токму од причини што знаев дека ќе почнат коментарите како: „Ама тоа е тешко, требаат пари, може нема да успее.“ Многу малку луѓе се прашуваат или скоро никој „А што ако успее?“. И кога дојдов на 2-3 дена пред да стане јавен, ѝ кажав на една моја многу блиска личност, но ме дочека со коментар: „Тоа нема да успее!“. Претходно ова сигурно ќе ме изнервираше, ќе предизвикаше кавга, ќе се убедувавме. Доби од мене краток и јасен одговор: „Мојот проект ќе успее!“. И успеа, уште првите две недели успеа. Сакав да покажам, не да докажам, дека ако веруваш во тоа што го правиш, ако работиш многу посветено и ако си ја следиш интуицијата ќе успееш. Имаше моменти кои некој би ги нарекол проблеми, јас научив на нив да гледам како на предизвици и искуства. Многу ми беше важно да ги одделам токсичните од добронамерните искуства. Не мислам дека луѓето ме советуваат со лоша намера, но понекогаш ни самите не се свесни колкава препрека ми ставаат. Јас истото го мислам и за мене, кога некој ќе ме праша за мислење, се трудам пред да почнам да образложувам да кажам дека е тоа само мое искуство и дека не треба да се врзува за тоа, сега кога сум свесна како може да влијаам на некого, не сакам да му стојам на пат со само еден коментар и мое лошо искуство. Да искуствата се добредојдени, но знаат да бидат демотивирачки. Исто така ако секогаш се потпирам на нечие искуство, веројатно никогаш нема да отидам чекор понапред и да направам нешто ново и креативно. Нема да направам нешто уникатно. Мене многу ми е мило дека за мојот проект јас немав со кого да споделам искуство, морав да поминам низ процесот сама бидејќи беше кај нас прв таков проект, но ме научи на многу нови работи и стекнав многу самодоверба и храброст. Да, имаше и грешки ама не си ги земав при срце, и нив ги сфаќав како дел од целиот пат кој требаше да се изоди. Многу сум благодарна за него бидејќи ме ослободи и од тремата за јавни настапи. Сфатив дека кога толку многу сакам нешто, кога го правам со толку многу страст и желба за успех, јас едноставно не размислувам за стравот, ме води токму таа желба и чиста мисла. Мозокот е навикнат да верува на тоа што му го кажуваат. Оваа мисла беше поткрепена со пример дека луѓето не добиваат награди на наградни игри бидејќи секогаш слушаат туѓи искуства: „Наместено е!“, „Никогаш не ми се паднало„, „Немаме ние таква среќа“. Да, и јас никогаш не играв игри на среќа токму поради овие уверувања и искуства. Кога одлучив дека ќе тестирам, случајно (што не е случајно) ми стигна порака за наградна игра во која наградата беше патување. Со оглед на тоа колку сакам да патувам, знаев дека е за мене. И за првпат решив да учествувам во ваква наградна игра. Откако кажав дека сум се пријавила, слушав коментари: „Ајде бе глупости се тоа“, „Пази, тие игри се направени да ти ги украдат податоците“, „Сигурно е наместено“. Не се расправав, не се докажував, само си помислував: „Фала што се грижиш за мене, не се грижи, ти не знаеш нешто што јас знам. Јас ќе ја добијам наградата!“ Ииии... откако заборавив дека учествував, ми се јавија да ми кажат дека го добив наградното патување. Wow! Каква потврда од универзумот беше ова за мене. Јас знаев дека можам, дека универзумот е на страна на позитивната мисла, дека треба да му верувам, дека ја има пошироката слика, дека треба да ја слушам интуицијата која цело време ми кажуваше дека јас сум добитникот... Другите што седеа наспроти мене и ми ги кажуваа нивните негативни искуства не го знае ова или не сакаа да поверуваат. Таа година добив уште три награди, само затоа што ми беше забавно да го тестирам ова. Една од наградите беше и штека Газоза 😃, ама многу ми е драга и таа бидејќи беше дел од целиот овој процес кога требаше да се убедам дека можам и морам да верувам. Во друг случај веројатно немаше да одам да ја подигнам, ама сега не сакав да ја негирам заслугата на универзумот.Јас длабоко верувам дека сме дојдени тука за да стекнеме нови искуства и знаења. Затоа и сакам повеќе да ја слушам интуицијата и да ја оставам да ме води. Мислам дека има многу повеќе да ми покаже отколку некој што не успеал и го раскажува истото искуство со години. Секој еден што успеал, значи дека некогаш донел храбра одлука. Бидете храбри и вредни, верувајте во својата моќ, така никогаш никој нема да ви застане на патот, а универзумот ќе биде на ваша страна. Одлуката е ваша дали друг ќе биде виновен за вашите неиспонети соништа или сами ќе бидете креатори на вашата среќа. 💕