logo

# Илустрација

Сè ќе биде добро!

насловна слика
И сега кога најмалку можеме, треба да сфатиме дека сè ќе биде добро. Еве ова е уште една илустрација која дојде на ред за објавување токму тогаш кога најмногу требаше. Знам дека фразава звучи излитено, ама звучи така само кога се кажува без емоции, поинаку е ако се проживее секој нејзин збор. И мене на почетокот ми изгледаше така, знам дека ќе биде сè добро ама кога?, како?, нема излез... Тогаш кога почнав да го сфаќам нејзиното вистинско значење и да ја прифаќам со емоција исто така како што почнав да ги доживувам поинаку благодарноста, насмевката, простувањето... Се до тогаш беше само уште една празна фраза која се кажува само за да утешиш некого. Првпат почнав да гледам поинаку на ова кога прочитав дека универзумот ја има пошироката слика за нас и се труди да нè заштити или да нè однесе до некое поголемо добро. Сè се случува со причина. Хм, ми звучеше интересно, но, да признаам дека не ми беше јасно до крај што сака мислата да каже, а уште помалку за да можам така лесно да ја прифатам и да поверувам, се до моментот кога налетав на еден одличен пример. Сигурно сите сте биле во ситуација кога гледате како некое многу мало дете прави несвесно работи кои можат да му наштетат. Се качува на нешто опасно, од каде што може да падне и да се повреди. И го опоменувате, го опоменуваат сите околу, ама не слуша и си тера по свое. Во еден момент кога ќе видите дека нема да се разберете, ќе го земете во раце и ќе го тргнете од таму. Нормално, ќе почне да плаче, бидејќи е луто, исфрустрирано, повредено што не ја испочитувале неговата желба и му поставиле забрана ама сите околу се свесни дека тоа е за негово добро. Истото се случува и со универзумот. Понекогаш ми става граници, не е на моја страна, ме опоменува, но ако не ги „прочитам“ тие опомени едноставно ме спречува да направам нешто и во тој момент кај мене се појавува фрустрација и лутина. Поточно се појавуваше се додека не го освестив ова. Откако ми стана јасно, не само што не се лутам толку туку понекогаш се чудам како успевам да не се изнервирам за ситуации за кои претходно крајно бурно сум реагирала. Сега дури и сум благодарна на некои такви, бидејќи веднаш знам дека тоа или ме спасило од нешто, или ќе донесе некое поголемо добро. Верувам дека повеќето од вас имале ситуации каде што поминале 5 минути порано или подоцна на некое место каде што се случила некоја неубава работа и си помислиле: „Еј среќа што ме блокираа на паркинг, можев да бидам јас на ова место“ или „Среќа што еден на каса отиде преку ред, па останав подолго во маркет, можев да бидам баш таму„... и ред други такви примери. Епа, тоа е тоа. Сигурно сте биле гневни на тој што нема култура на паркирање па ве блокирал, на тој што е невоспитан и отишол преку ред и ви доаѓа да изнакажете еден куп лоши работи на негова сметка, ама ако сте ја знаеле ситуацијата однапред верувам дека нема така да реагирате, туку ќе му бидете благодарни. Мене толку многу ми се допаднаа овие примери што многу лесно почнав да ги применувам. Секогаш кога ќе се случеше нешто што во даден момент би требало да ме изнервира, јас си викав: „Ок, нека биде така, сигурно има зошто, за некое време сè ќе биде во ред“ и навистина, за многу кратко време, универзумот ми праќаше решение на проблемите. На ова се надоврза и уште еден убав пример. Една од моите омилени професорки, раскажа како некогаш кога тргнале на пат со нејзина пријателка им се дупнала гума, а морале да стигнат во одредено време. Пријателката почнала да вика и да паничи поради тоа што стојат заглавени на автопат цело време додека чекале да дојде сервис, а мојата професорка била сосема мирна и си се веселела на песните што оделе на радио. Во еден момент пријателката ја прашала како може да се однесува така и да биде смирена, на што мојата професорка одговорила: „А дали ако се нервирам нешто ќе смени тоа додека чекаме?“ и навистина е така. Многу е едноставно, наш е изборот дали ќе бидеме лути или ќе уживаме, секако ќе бидеме заглавени на тоа место. Лутината нема да смени ништо, дури ќе прави уште посилна негативна енергија, а високата вибрација и позитивната енергија ќе привлече позитивна ситуација во наша корист и ситуацијата ќе се реши. Па така професорката и пријателката, стигнале на време односно поради одредена техничка причина доцнел состанокот, но тие биле таму „на време“. Јас, а и повеќето луѓе што ги познавам премногу се грижиме за работите, сакаме да имаме контрола над сè и некако не допуштаме дел од работите за нас да ги заврши некој друг или универзумот и потоа се жалиме дека не сме успеале, дека ни било тешко, а всушност не ѝ дозволуваме на енергијата да проструи, ја кочиме со мисли и грижи. До некаде и разбирам од каде доаѓа тоа. Уште од деца не воспитуваат дека треба да бидеме грижливи. Па самиот збор кажува дека тоа ми носи грижи. Ок, тоа е еден програм кој ми го всадиле, но сега откако знам за ова, едноставно сакав да го сменам. Секако ќе останам вредна, посветена, одговорна, ќе си ги задржам добрите навики, но ова уверување дека треба да се грижам за нештата едноставно мене не ми служеше и сакав да го сменам. Јас навистина сакам да верувам дека сè ќе биде добро, дури и кога во даден момент ништо не води кон тоа. Затоа и сакав да ги споделам токму овие едноставни примери кои и мене ме убедија да верувам во оваа мисла. Понекогаш толку многу ми се натрупуваат обврски, ме притискаат рокови, или јас си задавам премногу таргети, а не ми оди ништо од рака и почнува да ме фаќа страшна нервоза, паника, да се фрустрирам и секогаш ми текнува на една супер работа што ми ја кажа еден колега. Дедо му секогаш викал: „Кога имам најмногу работа и проблеми, јас одам и си легнувам, кога ќе станам пола од работата е завршена“. 😃 Ми беше смешно кога ми кажа, ама кога подобро размислив испадна дека е така. Еден дел во меѓувреме се откажале од тоа што ми го барале да го направам, за нешто јас откако сум отспала сум сфатила дека не ми треба да го правам, нешто едноставно исчезнало, нешто завршил некој друг и работата е преполовена, нервозата ја нема, останатиот дел од работата е завршен како што треба. Го пробав, совршено функционира. Не си легнувам, ама правам нешто сосема друго и го преместувам фокусот на мислите, а оваа ситуација што ме нервирала, „ја пуштам“, по некое време кога ќе се вратам на неа, ја завршувам без никаков напор. Има многу техники и вежби кои можат да се применат во даден момент за да ми ја подигнат вибрацијата и да ме натераат да верувам дека сè ќе биде добро, па дури и во безнадежните ситуации. Една од нив е „раскажување нова приказна“. Поентата на оваа техника беше кога се наоѓам во некоја ситуација за која мислам дека е безизлезна, наместо на сите да им ја раскажувам и да повторувам колку лошо се чувствувам поради тоа, едноставно да ја сменам приказната и да почнам да ја раскажувам од аспект како да е сè во ред. Да ги истакнувам добрите работи и наместо да се жалам, да бидам благодарна на тоа што сум научила од неа. Слична на оваа техника е и Fake It Till You Make It. На еден семинар предавачката зборуваше за оваа техника, покрај останатите работи што ги кажа, раскажа како нејзината мајка била жена со многу крути емоции и никогаш не ги гушкала неа и нејзината сестра, не им кажала дека ги сака, иако секогаш се грижела за нив, едноставно не знаела соодветно да ги искаже емоциите. Долг период пателе поради тоа и секогаш зборувале меѓу себе дека им недостасува да ги гушне, да покаже дека ги сака, се додека не дознале за техникава и почнале да ја применуваат. Почнале да „фејкуваат“ дека им се јавила мајка им, дека им пратила порака со убави мајчински зборови, си зборувале меѓу себе колку убаво ги гушкала и се така додека еден ден навистина кога биле заедно на патување на едната од нив не и стигнала порака во која мајка им пишува дека од далеку ги гушка и двете и мисли на нив. Толку многу ми се виде интересно ова, што кога излеговме од семинарот каде што бевме со сестра ми и уште една другарка, веднаш кажав дека од целиот семинар тоа ми остави најголем впечаток и уште додека одевме накај паркинг со сестра ми се сложивме дека мора да ја пробаме техникава, баш за еден проблем кој во тој момент ни изгледаше и на двете нерешлив барем во блиска иднина. Од истиот момент почнавме да правиме муабет како да е решен, се подготвуваме за новата ситуација како веќе да се случила. Меѓу другото сметам дека оваа техника е многу позитивна бидејќи самата ситуација што знаевме дека ништо од тоа не е вистина, а се правевме како да е, нè тераше многу да се смееме ама останувавме на идејата да веруваме. Тие денови ептен ни го разубавуваше животот, иако ситуацијата која сакавме да се реши не беше воопшто смешна (не ја раскажувам во целост, бидејќи е многу интимна). За само неколку дена откако почнавме со примена на техниката, јас тргнав на пат и само што стасав, ми стигна порака од сестра ми дека ситуацијата е решена. Нормално, си помислив дека ми пишува само така, за да продолжиме со примена на техниката, но всушност ми пишувала бидејќи навистина е решено. И почнавме: „Чекај, стварно?“, „Да, да, стварно“, „Значи не сме веќе во техникава?“, „Не, стварно се реши“. 😃 Уффф! Во ист момент ми беше и премногу смешен моментот и ме совладаа емоции, плачев како мало дете. Едноставно немаше поголемо олеснување од тоа што ми покажа универзумот дека „Сè е и ќе биде добро!“, па дури и за тоа што најмалку мислев така. Дека нема простор за грижи ако ѝ оставиш место на вербата. Понекогаш кога ќе се оптоварам со многу мисли, кога ќе ми се созаде притисок или кога имам некоја ситуација која ми носи неизвесност, знам да подзаборавам дека сè ќе биде добро. Но, пред одреден период во една книга прочитав дека кога ме совладува стравот и мислата дали нешто ќе се исполни, треба да се сетам дека тоа е веќе решена ситуација во универзумот, само информацијата уште не е стигната до мене. Често ја применувам и мора да кажам дека многу ми ги олеснува грижите, посебно пред спиење, кога ќе почнат да ми „вртат“ мисли во глава, си кажувам: „Утре кога ќе станеш, ќе добиеш информација дека сè е добро, нема потреба сега да се замараш со тоа“. И навистина, ако не утрото, во текот на денот или за некое време, ќе се потврди дека сè е во ред. Понекогаш ме „газат“ рокови, а не можам да смислам ништо „паметно“ и креативно за да ја завршам работата. Порано ми се случуваше да не спијам по цела ноќ поради тоа, размислувам, барам идеи, правам концепти... Сега помислувам: „Тука е некаде околу тебе идејата, само не е уште стигната до тебе, ќе ја видиш наскоро“ и да, навистина за кратко време ќе ја препознаам некаде, ќе се инспирирам на улица, во маркет, од маицата на соговорникот, само треба да ја отпуштам грижата и идејата е пред мене. Сите овие примери и техники се надевам дека вака раскажани ќе му помогнат барем на некој да се убеди дека сè ќе биде во ред. Денес неколку пати се помислив дали да ја објавам токму деновиве оваа илустрација, бидејќи сите сме под некоја тензија. И јас не сакам во такви моменти некој да ми „мудрува“, да ми кажува позитивни мисли, мотивации и да ми вика да не се нервирам, дури знам да кажам: „Остајте ме да се нервирам, мое право е!“ 😃 Но, денес две мои добри другарки ми пишаа за да позборуваме и да си дадеме малку убава енергија бидејќи ни треба, па го напишав и објавива постот највеќе поради нив ❤️❤️, но и со надеж дека на уште некој му треба да прочита нешто позитивно. Без разлика на тоа дали верувате или не верувате во ова, дали се согласувате или не се согласувате со мерките, најважно е да си изградите своја реалност во која ќе се чувствувате удобно. Отпуштете ги сите негативни мисли, нервози, лутина и фокусирајте се на добрите работи. Верувам дека има околу вас еден куп такви. Верувам и дека ситуацијата нема да трае вечно и дека сè ќе биде во ред, а ќе ја надминеме многу побрзо ако заеднички вибрираме со позитивна енергија. Ајде, имате три дена за да уживате, да се посветите на себе и своите блиски, а на универзумот оставете му да си ја заврши работата, сигурно има добар план за нас. Ќе уживаме во слободата. 💕

Коментари


Остави коментар