logo

# Илустрација

Ова е само мое време

насловна слика
На почетокот, кога тргнав да го правам концептот за илустрациите, имав дилема дали да ја ставам оваа илустрација или не. Секој одвојува веројатно време за себе, толку колку што може, но кога размислив сфатив дека не само што треба да ја има, туку и дека една од темелите на целиов проект „Од ларва до пеперутка“. Со тоа што си одвоив време за себе, пред некои 8-9 години, всушност го започнав процесот на трансфромација. Јас постојано изработувам некои ситници, цртам, везам, плетам...буквално сè што ќе ми го привлече вниманието, и сè што е креативно сакам да пробам да го направам или да го научам како вештина. Меѓутоа тоа го правам со многу љубов и посветеност, тогаш кога јас ќе одлучам и за луѓе за кои сум почувствувала дека треба да го направам. Познавајќи ме како таква, многу луѓе околу мене изгледа имаа стекнато погрешен впечаток дека јас само сакам да правам работи и кога ќе им притребаше нешто постојано ми се обраќаа: „Еј ти сакаш да виткаш поклони, ај ќе ти донесам да ми завиткаш еден...“, „Ми треба честитка за свадба, за роденден, ај напрај една“, „Ај нацртај ми маица“, „Сакам да сменам нешто дома, смисли ми ко кај тебе...“ и еден куп такви работи. И еве до денес кога размислувам за ова, не знам дали повеќе ме нервираа што ми го трошеа времето или тоа што ги потценуваат моите емоции што ги вложувам во нешто што создавам. Да, виткам поклони секогаш кога ми е некој многу драг и сакам да изгледа убаво поклонот, ама да сакав да виткам поклони за секого, ќе работев во цвеќара. 🙂 Правам и честитки, цртам и маици и уредувам дома, ама сè тоа го правам со љубов за мене или кон некого, и не е исто да направам за некој таков или за некој што воопшто не го познавам. Ама немав срце да им кажам „НЕ“. Затоа и ја почнав од тука приказната, за да кажам колку си ја расфрлав енергијата и времето, само затоа што немав научено да го кажувам тоа НЕ. 😏 Така еден ден, некој ми се јави повторно со некое вакво барање и откако заврши разговорот, почнав да блебетам низ дома како не можам веќе да правам вакви услуги, бла, бла...и маж ми откако ме ислуша, ми рече: „Е што да ти правам бе Анчи кога си туѓа среќа, на сите што те имаме во животов ќе ни завршиш работа, ќе не усреќиш, само за себе не правиш ништо...“. Ауу, не знам дали смислено или моментална инспирација, ама со реченицата што ја кажа, погоди точно во центар. Ко сега се сеќавам колку ми проѕвони во глава и уште ја слушам некаде позадински во мозоков. Не реков во моментот ништо, ама си помислив: „Во право си, нема да биде веќе така.“ 🎯 Од тој ден решив дека мора да се менува и да си посветувам повеќе време и љубов на себе. Прво си ветив дека ќе си одвојувам време во денот што ќе биде само мое и нема да има отстапки од тоа. Почнав секое попладне и секоја вечер пред спиење да посветувам барем по 30-40 минути за да читам, да изгледам некое мотивациско видео, интересни емисии и документарци, филмови... буквално сè за што претходно викав дека немам време. Почнав да барам одговори на прашања што стално ми се вртеа во глава ама некако до тогаш како да не го барав одговорот. Некогаш се случуваше тоа да трае и по цели ноќи. И многу ми е мило дека баш овој процес, не само што ми ги даде одговорите на тие прашања, туку и ми отвори нови погледи на светот и ме доведе до оваа состојба на духовна слобода (барем јас така си ја сметам). Кога сфатив колку многу позитива ми донесе ова малку време што си го одделував за себе, почнав сè повеќе да го ценам, а и да го зголемувам. Дури од еден муабет што го почнавме на работа, одлучив дека ќе си направам моја соба, место што ќе биде уредено баш така како што ми одговара мене. И си ја средив собата за 2-3 недели, со многу љубов и ја претворив од простор каде што остававме работи на куп, во „мое дувло“. Секогаш викам: „Одам јас во дувлото!“. Тука сум си своја, завиткана во ќебенце, со огромна шоља кафе, одбрана музика за да си пеам гласно и душевен мир каков што нема никаде на светот. Понекогаш дури и кога сум во некои гужви, кога ми е галама, многу народ... само ќе кажам: „Сакам да си одам во дувлото“ бидејќи знам дека таму ме чека мир. Тука си се изначитав книги, учев астрологија, „чистев“ чакри, цртав, си го создадов мојот проект за Скопје, а тука ги нацртав и илустрациите за овој проект, создадени со многу љубов и позитивна енергија за моја душа, а посветени на сите луѓе кои сакаат да го видат и следат проектот. Ете такво е вистинското време што си го посветив на себе. Подоцна во многу книги го прочитав истото. Многу автори препорачуваа да си одвоиш време и место за себе. Јас оваа вештина веќе ја имав совладано, си одвоив само плус време во некои денови за медитација. Дури и времето што го одвојувам за трчање, а ми треба околу еден час или час и половина за да истрчам и потоа да се средам, јас не дозволувам никој да ми го одземе. Се трудам да не правам отстапки и да ме поведуваат муабети: „Те молам итно ми е, ми се брза...“, бидејќи лесно ќе ми го одземат и ќе ме изместат од рутината. Многу убаво се сеќавам на едно прекрасно попладне лани на кеј, бидејќи трчав сама, ме понесе атмосферата и енергијата што ја имав во мене. Толку добро си го чувствував телото полно со енергија и како да се гушкав со природата и сонцето, што наеднаш ми дојде мисла во глава: „Свесна ли си, колку многу правиш за себе со овој час што го одвојуваш за трчање...Од што друго би можела да се чуствуваш волку добро?“ Многу сум си горда и благодарна на сама себе што успеав да го достигнам ова ниво. Како што некои вложуваат во материјални работи, јас ова издвоено време го сметам за инвестиција во себе, а духовната состојба што ја постигнав, за мој капитал. Ако имам позитивен дух и научени вештини, можам да имам сè. Пробајте да ја избегнувате реченицата: „Немам време“. Ќе сфатите дека е само изговор. Одвојте барем по 30 минути за себе за да си покажете дека се сакате, така како што им покажувате на сите околу вас дека ги сакате со тоа што им го подарувате вашето време. Правете нешто за своја душа. 💕

Коментари


Остави коментар