Одвојувам време за медитација
Често низ постовите за илустрациите од проектов ја спомнував медитацијата, ама секогаш како пропратен дел од другите вежби и техники. Одлучив да посветам една илустрација токму за медитација, бидејќи сметам дека е една од најдобрите работи што ги направив за мене, односно што успеав да ја совладам, да стекнам уште една вештина.Ми одеше многу тешко и баш заради тоа сакав да го кажам моето искуство, бидејќи со повеќето луѓе што сум разговарала сме споделувале исти искуства. Има и такви што се откажале, еден период се откажав и јас, се додека случајно не наидов на едно видео или поточно на вистински учител. Најголемиот проблем, барем мене ми беше тоа што секогаш кога слушав за медитацијата како вештина или кога ќе тргнев да ја практицирам, секогаш имаше насоки дека треба да седам исправено, треба да дишам не знам како..., па ми посочуваа некои примери што некој седел и медитирал по 2-3 часа, друг по цел ден... и сето ова мене ми изгледаше или комплицирано или ми правеше проблем седењето исправено, често место да се фокусирам на дишењето јас се фокусирав на болката во грбот, а да бидам искрена на моменти одредени такви групи за медитирање мене ми делуваат и како секта бидејќи следат еден водач и прават некои ритуали. Тоа едноставно со мене не резонираше, бидејќи сметам дека ако треба некој да ме води на ваков начин излегува дека јас сум „слепа“, а идејата на целиот овој процес, барем мене ми беше и сè уште ми е, да ме доведе барем на некое посвесно ниво од она на кое претходно сум била. Веројатно забораваат дека оваа вештина се совладува постапно и со многу вежбање исто како и сите останати (на пример кога учев да возам велосипед, да пишувам, да читам), многу споро и постапно, почнувајќи од најмали чекори.Едноставно бев почетник во ова. Ова го кажувам за да ги охрабрам сите што некогаш пробале, а не успеале или пак што се плашат од самиот чин на медитација бидејќи го сметаат за некаков чуден ритуал.Мене најмногу ми помогна едно видео каде што авторката ме охрабри да си ја дадам целата слобода при медитирање. Тоа што претходно секогаш ме одбиваше (секогаш кога ќе ми кажат дека мора да направам нешто, јас најмногу се бунтувам за да докажам дека не мора, па така и за ова). Кажа дека може да лежиме, да пробаме со многу кратки вежби од по 10-15 секунди за дишење, дека не е страшно ако на сред медитација заспиеме (што се случува на почетокот многу често) и дека не е страшно ако почнуваат да ни се вртат мисли во глава. Со тек на време, се полесно ќе ги надминуваме овие препреки. И навистина така беше, се случуваше и да заспијам, и да заборавам на ритамот на дишење, и да ги бркам мислите од глава, ама ако на почетокот едвај успевав да медитирам по 3 минути, сега можам и по 45-60 минути и сосема солидно ми оди иако многу ретко практикувам толку долги медитации. Гледам да ги правам често, односно барем секој втор ден, понекогаш и секој ден, сабајле или навечер 20-25 минути.Исклучително многу ми помогнаа водечките медитации каде што глас те води низ процесот со некоја намера. На пример за освестување на благодарноста, за исцелување од здравствен проблем, за простување... Ги применував доста долго паралелно со другите вежби што ги правев со иста намера.Медитацијата успеа со тек на време да ме натера да станам многу посвесна за тоа што ме опкружува, да ми ја врати интуцијата што мислам дека ми беше квалитетно затупена со текот на годините, да почнам да ги „читам“ знаците што ми ги испраќа универзумот, да станам свесна за синхроницитетите кои се случуваат постојано ама јас претходно ги игнорирав, а и да станам посвесна за сама себе, да почнам да си ги слушам телото и духот кога ми кажуваат што им треба. Иако на почетокот многу лошо спиев и имав чудни соништа, некако не ме обесхрабри тоа бидејќи прочитав дека е нормално за секој почетник. Но, со тек на време не само што ми ги смири мислите, туку и ми создаде една кристално јасна слика во глава за еден куп работи, било што ме мачеле или што сакав во иднина да ги постигнам.Посебно ми е драга следнава случка што успеав да ја постигнам со медитација и визуелизација, кога сè уште ги тестирав и нив како техники и комплетно Законот на привлекување (односно сè уште ги тестирам, но сега не затоа што не верувам во нив, туку затоа што ми е секој нов настан интересен и ми ја подигнува вибрацијата). Пред две години, решивме дека ќе се спремаме да истрчаме на Skopje Run, 10 километри за помалку од 1 час. Покрај тренинзите, што ги правев на кеј, одлучив дека две недели пред трката, ќе ја посветам медитацијата на трката, за психички да се спремам и ќе ја визуелизирам патеката. Неколку дена пред трката, мислам 3, едно утро медитирав и како да ми се појави пред очи семафорот над капијата што го покажува времето. Беше со време 58:48. Им спомнав на работа за ова ама некако не му придадов многу значење се до последната вечер пред трката. Тогаш и пишав и на сестра ми дека во медитација го видов времето и го напишав на chat за да стои како доказ дека сум го знаела. Дури се зезавме дека ако истрчам побрзо, ќе застанам пред капијата за да го дочекам точното време, да не испадне дека сум згрешила.Со другарот со кој трчаме заедно бевме договорени дека ќе ги следиме пејсмејкерите, бидејќи јас не трчам ниту со телефон, ниту со часовник дури ни на тренинг и ова за на трка ни беше единствениот ориентир за времето. За мене трчањето е рекреација, а со оглед на тоа дека работам секогаш под притисок, со бркање рокови, си имам кажано дека со трчањето ќе се релаксирам, нема да си создавам дополнителен притисок и нема да „бркам“ резултати по секоја цена. Тргнавме супер, темпото беше соодветно се до еден момент кога почнаа некако многу да се одалечуваат пејсмејкерите. Сакав да ги следам, но некако знаев дека не е соодветното темпо и веќе на почетокот на вториот круг (тогаш се трчаа по 2 круга на Илинденска) почнав да заостанувам поприлично. Другарот сакаше да ги следи и на неколку пати ми рече да убрзаме, ама знаев дека ако убрзам сега, на послените километри ќе успорам многу, ми се случувало тоа и другпат. Со оглед на тоа што многу бев посветена на подготовките како физички, така ментално, си размислив во следните 50 метри и му кажав да оди без мене, јас ќе го држам тоа темпо. Прво телото ми кажуваше дека темпото е добро, а исто така додека го трчав првиот круг, кога поминував под сообраќајните семафори, што беа вклучени во текот на трката, сите до еден кога поминував под нив беа со зелено светло. Знаев дека универзумот ми праќа знак дека е во ред темпото и дека треба да си го слушам телото и интуицијата. Продолжив и на вториот круг со истото темпо и повторно сите семафори беа со зелено светло. Сега веќе бев сигурна дека е знак, па дури под секој кога ќе поминев си кревав палец за LIKE и погледнував кон небото за да искажам благодарност за поддршката. Веќе не ги ни гледав ни пејсмејкерите, ни другарот, отидоа многу пред мене. Ама некако не се разочарав, знаев дека ќе имам добро време, а посакував да биде баш тоа од медитацијата. Некаде на 200-300 метри пред целта, пејсмејкерите беа застанати, цупкаа во место и викаа: „Ајде дечки, сега трчајте кој колку може, има уште 1:30 минута, малку сме убрзале“. Почнав да трчам колку што имав сила и како што се приближував до капијата, со секој чекор и помината секунда, јас бев поблиску до времето што го посакував. И да, под капијата влегов точно со време 58:48, немаше потреба да стојам, сè беше во совршен ред, баш така како што посакував. Имам фотографија каде што покажувам на времето точно на влез во капијата. Драган се потрудил да го „улови“ моментот бидејќи знаеше дека мнооогу ќе ми значи. После тоа го памтам само ликот на сестра ми што ме чекаше кај капијата, скроз беше збунета и покажуваше накај семафорот. Не знам како долета до мене во гужвата, се гушкавме и ми викаше: „Го виде времето, го виде времето? Скроз си језива...“. Знам и на неа дека ѝ значеше ова многу во тој момент од некои други причини. 🥰Еве и сега кога пишувам за оваа случка се ежам од глава до пети. Истрчаното време на крај не ми беше воопшто важно, му се радував ама не како на резултат од трка туку како за резултат од една напорна и посветена духовна вежба. Единствено што ми е малку жал, не се изнаплакавме колку што требаше, си плачевме ама имаше многу луѓе околу нас. 😅Мислам дека секогаш оваа случка ќе ми биде една од поомилените што ми се случија низ процесот на трансформација. Приказнава и доказот ѝ ги испратив и на „учителката“ од видеата за медитација, за да и заблагодарам што ми помогна одлично да ја совладам оваа вештина. И уште помило ми беше дека веднаш ми договори и заедно се радувавме на успехот.Го раскажав ова за да посочам колкаво е влијанието на медитацијата врз менталната состојба, барем кај мене. И сакам да ве охрабрам, ако сакате да пробате нека не ве плаши тоа што нема да успеете „од прва“. За да ви дадам малку поддршка и „ветер во грб“ ќе ви кажам дека медитација е и гледање во една точка, слушање музика, шетање во природа, спиење... да дури и сонот е еден вид медитација. Затоа опуштете се, напредувајте си со темпото што вас ви одговара, најдете си било каков начин за да стигнете до посакуваниот душевен мир. 💕