Не е доволно само да знам, треба да применувам!
На неколку илустрации пред крај на проектов, сакав да ја направам и оваа илустрација бидејќи сметам дека сè што претходно нацртав и напишав нема да има смисла доколку не го кажам ова: „Не е доволно само да знам, треба и да го применувам“.
Како што и претходно спомнував, изначитав еден куп книги, изнагледав еден куп видеа, филмови, документарци, посетував семинари, изнаслушав еден куп приказни, но сето тоа почна да функционира дури откако почнав да го вежбам и применувам, за да стане дел од мојот живот.
Имаше луѓе, често низ годиниве, кога ќе направевме муабет или кога сами ќе забележеа некоја промена кај мене на подобро, ме прашуваа како сум успеала. Кога ќе почневме да разговараме, односно кога се обидував да им дадам објаснување со намера да им одговорам на прашањето, најчесто муабетот го прекинуваа со: „Ааа да знам, сум читал за тоа“, „Сум го пробала, не функционира“, „Лесно ти е тебе, можеш...“. Од страт си ставаа граници. Да бидам искрена, на повеќето не продолжувам да им објаснувам, сметам дека нема погоден терен. И јас сум била во ситуации кога нешто не сум можела да применам, едноставно не било дојдено времето. За примена на сите овие вежби и техники, навистина сметам дека треба на секој поединечно да му дојде моментот, секако ако постои и желба. Но, тука пишувам за да дадам мотив на сите кои веќе почнале или сакаат да се обидат, а без да си ставаат баш такви граници.
Има една реченица која мислам дека многу ќе ја разјасни состојбата, односно разликата помеѓу знаењето и примената, која често ја кажувам и мислам дека и сега е соодветно да се земе како пример: „Сите знаеме како се игра фудбал, ама само еден е Роналдо“. Оваа реченица сметам дека е многу добра за освестување, дека тоа што знаеме да го кажеме, не значи дека знаеме и да го направиме. Знам, многу сме „упропастени“ од системот на образование каде што постојано нè учеа теорија, а скоро никогаш пракса, ама барем сега кога сами можеме да одлучуваме што сакаме да научиме, можеме да се потрудиме истото да има и некаква примена. Исто така реченицава може да нè освести колку всушност не го цениме туѓиот труд и успех и да си го ставиме егото под контрола. Седиме дома пред телевизор и кажуваме како требало некој да изигра, како требало да постапи... Кога почнав да го вежбам и применувам сето тоа што до тогаш го имав во мене само како теорија, кога сфатив колку труд и посветеност бара, колку откажувања од некои работи и колку грешки ненамерни има по патот, колку има враќања на стари навики, мислам дека никогаш повеќе не ми се појави мисла да коментирам за некој што сè можел да направи, а не го направил. Успеав да не се разочарувам од нечии неуспех туку само да се радувам на успехот каков и да е, ама тоа само таму каде што навистина ќе препознаам дека некој вложил труд и многу се посветил на тоа што го прави.
Под едно од многуте видеа што ги изгледав, некоја девојка имаше напишано коментар дека изгледала илјадници видеа, но ништо не и сменило тоа во животот. Авторката на видето многу едноставно и одговори: „Можеш да изгледаш и еден куп видеа со фитнес вежби на YouTube, но ако не станеш да вежбаш, нема да имаш убаво тело“. Wow, погоди точно во центар. Не постигнував никаков резултат или поточно промена, се додека не почнав да ги применувам вежбите и техниките за кои само слушав и читав. Повеќето од нив ми изгледаа или премногу едноставни и веднаш ме тераат да помислам: „А знам...“ и да ги прескокнам, некои беа толку чудни и ми личеа невозможни, па помислував дека се глупост, но после ова одлучив дека мора навистина да ги пробам. Бев скептична, мора да признаам, но скепсата е всушност здрава состојба. Мислам дека е нормално да не прифатам сè што ќе слушнам или прочитам, но не го отфрлав, туку давав шанса да го проверам. А можев да го проверам исклучиво така, ако почнам да го применувам. И да, повеќето работи функционираа. Тоа веќе го раскажав во претходните постови.
И сè уште го вежбам, сè уште правам грешки, тешко искоренувам стари навики, заборавам да применувам некои техники...но, не се откажувам. Тоа што нема еднаш да ми успее, не ме разочарува туку ме потсетува дека не сакам да се вратам таму каде што некогаш бев. Во неговата книгата, Ѓоковиќ, самиот кажува дека ќе тренира тенис се додека ударите не ги донесе на ниво на дишење, тоа ќе го смета за свој најголем успех. Ова го кажувам бидејќи мене ме охрабри да продолжам да вежбам ако сакам целиот овој процес да стане мој стил на живот.
Понекогаш слушам коментари од луѓе дека сакаат да бидат на нечие место, поради тоа што ја сметаат таа личност за успешна, богата, популарна... нешто што мислат дека ним им недостасува. Пред да посакаате да дојдете на нечие место бидејќи е таму поубаво, полесен е животот и сл., размислете дали би сакале да се смените ако го изодите целиот пат што некој го изодел за да стигне до тој успех. Веднаш да ви кажам дека повторно ќе ви треба многу вежбање, посветеност, работа...
Затоа треба да знаете дека и патот до духовната слобода е вежбање, работа, труд, примена... Со еден збор борба. А скоро ниту една слобода не дошла без борба. И тоа оваа е една од најтешките, борба со себе си. Ама секој што решил, сигурна сум дека ќе се избори за својата слобода. 💕