logo

# Илустрација

Не барам изговори

насловна слика
Ја обожавам илустрацијава! Слична ваква, со сообраќааен знак што го забранува користењето на зборот „АМА“, долг период ми беше профилна слика на мејлот, за да ме потсети секој ден дека не треба да го употребувам зборот. Сè уште ме фасцинира моментот колку едно навидум небитно, кратко, безлично зборче, може да носи моќ во себе за да го смени целиот тек на некоја активност. Всушност зборче што го користев за да си наоѓам еден куп изговори, оправданија и да си се лажам себе си. Кога ми дојде до свест ова, некако и животот почна да добива друг тек. Јас ова го освестив низ некои видеа што беа посветени на користењето на зборот. Зборот АМА после кажана потврдна реченица, има моќ да го негира претходно кажаното и во следниот дел од реченицата да ти олесни на душата, да не чувствуваш одговорност иако ќе се излажеш себе си или некој друг. Како изгледаше тоа? Па некако вака: Сакам да излезам на кафе со тебе АМА немам време. Сакам да трчам АМА немам кондиција. Сакам да медитирам АМА ме боли грбот. Сакам да ослабам АМА сè се лепи за мене. Сакам да не се нервирам АМА ме нервираат другите. Сакам да им простам АМА не можам. Сакам да се заблагодарувам АМА немам кога... И еден куп вакви изговори. После секое АМА стоеше по некој изговор, залепен на првиот дел од реченицата, само за да ми најде изговор за пред себе и пред другите. Кога ми стана доволно јасно што правам со користењето на зборот АМА, решив дека ќе го забранам за користење. Секако дека не ми успева стално. Некогаш ќе ми излета, што веројатно е нормално со оглед на тоа колку долго сум го користела пред да станам свесна за него, но набрзо се освестувам и ако веќе сум го кажала, барем знам дека не треба да поверувам на зборовите што сум ги изнаредила после тоа. Кога речениците почнаа да звучат вака: Сакам да излезам на кафе со тебе. (ТОЧКА) Сакам да трчам. (ТОЧКА) Сакам да медитирам. (ТОЧКА)..., тогаш почна да се менува сè што до тогаш со години беше исто. Тогаш сфатив дека можам, тогаш најдов време, тогаш не ме болеше веќе ништо, тогаш сфатив дека не ме нервираат другите, туку јас се нервирам самата со тоа што им придавам значење...едноставно престанав да се лажам и си ја прифатив одговорноста за секоја моја постапка. Мислев на активноста што треба да ја преземам наместо на изговорите што треба да ги смислам. Да, требаше да си го реорганизирам денот и го прифатив и тоа без АМА. Најтешко ми одеше со користењето на фразата „немам време“, влезена ми е во потсвест, уште се мачам со неа. Ја кажувам, но кога ќе ми излета, следна мисла ми е: „Имаш време, цело време е пред тебе, направи друг распоред!“. ⌚️ Најдов време и желба и за на кафе, и за трчање, и за читање, и за заблагодарување, и за простување, само си ја сменив мислата, распоредот на дневните рутини што реално не ми служеа, престанав да им верувам на изговорите и да бидам попустлива кон себе и кон другите. Многу е интересно дека секогаш кога некој ќе ми укажеше дека си барам изговори, силно ми се бунтуваше егото. Охооо, можев да се објаснувам и кавгам со саати дека не е така. Се додека не го освестив моментот. Сега до толку многу ја засакав забранава, бидејќи ми беше отскочна даска за многу вежби и промени во животов, што сакам да си направам маичка со знак за забрана за користење на зборот АМА со надеж дека кога ќе ја гледаат луѓето ќе им помогне да си ја искоренат оваа лоша навика.💪 Во едно видео го објаснуваа токму овој момент, но посебно ми се допадна примерот што го посочија. Ако треба да отидеш на кафе со некој пријател, а ти е расипана колата, ќе му кажеш: „Би дошол, ама расипана ми е колата.“ Дали истото би го направил ако ти се јават дека треба да дојдеш на истото место бидејќи си добил 7ца на лото и треба да ја подигнеш наградата? Совршен пример за освестување, после ова нема АМА... Ете знам дека немате време, имате обврски со децата, не знаете кај ви е главата, тешко ви е... АМА пробајте 😄 За почеток може да видите на вашите паметни телефони колку време во денот троште на социјални медиуми и да го искористите за нешто што сакате да го направите за себе „АМА немате време“. Добра опција е, од лично искуство кажувам. 💕

Коментари


Остави коментар