logo

# Илустрација

Надворешно и внатрешно чистење на себе

насловна слика
Кога веќе почнав да размислувам за работите што ми пречат и што треба да ги отстранам, дојде време и да си направам надворешно и внатрешно чистење на себе. Некако почна сè да ми станува тесно, морав да се ослободам од некои работи што ме опкружуваа, а и од навики што ги имав, а реално никако не ми користеа, баш напротив, ми штетеа.Ми требаа два викенди за да можам убаво да исчистам и исфрлам се што чував, таму некаде заборавено по фиоки, шифоњери, кутии, полици... Еден куп облека што не ја носев, „спомени“ што ги чував од некои луѓе и времиња, со три збора КУП ЗАСТОЈАНА ЕНЕРГИЈА.Секогаш кога чистев се борев со мислата: „Ај нека постои до следното чистење, некако ми е жал да го фрлам.“ Овој пат си ветив дека нема да се предавам, не дека не се појави ама упорно ја победував. Си најдов и неколку техники за полесно да поминам. За облеката се договоривме со сестра ми, дека место да одиме на шопинг, ќе извадиме сè што не ни треба и ќе се смениме. Ууу и одеднаш чистењето се забрза. Ем ми беше полесно да се разделам од облеките, бидејќи знаев дека не ги фрлам туку ќе ги подарам на некој што го сакам, ем добив еден куп „нови“ облеки. Операцијата беше ептен успешна, ја применуваме до денес и секоја сезона имаме нови облеки и растеретени шифоњери од стара облека, а и штеди пари. 😃Предметите што требаше да бидат „спомени“, сфатив дека нема зошто да го чувам бидејќи дел од луѓето што ми ги подариле веќе или не беа дел од мојата нова реалност или се трудев да станат мое минато, така што немаше зошто да чувам предмети кои само непотребно нè врзуваат и ја кочат енергијата. На тие луѓе им се заблагодарив што биле дел од мојот живот, и нели тргнав по друг пат па немаше смисла да носам толку многу товар со себе. Единствено ако веќе треба нешто да ме потсетува на нив, решив тоа да бидат спомени од убави случки, а не материјални работи.Не можам да го опишам чувството на олеснување после ова чистење. Јас, таа што чував сè, што кога ќе ги видев случајно тие предмети, пола ден бев со тешки емоции и тага по некои поминати времиња, наеднаш симнав товар од околу 10 црни големи пластични вреќи од мене. И дааа, дојде дел од слободата.И во налетот на тоа енергија за чистење, почнав да читам и да барам што сè ми смета во исхраната, во начинот на распределување на денот по етапи, се потрудив да имам поквалитетен и подолг сон со цел и внатрешно да го исчистам телото. Само што оваа чистење не траеше само два викенди туку мнооогу подолг период, со голема упорност, се додека не стана моја реалност, односно комплетно си го сменив стилот на живот. Веќе не го перцепирам тоа како диета, режим или како и се да го нарекував претходно, туку тоа е мојот живот баш таков и веќе не „сонувам“ за денот кога ќе ми заврши диетата и ќе се вратам пак на старо. Знам дека таков ден не постои.Ете се обидов и стасав да го објавам ова неколку дена пред да дојде викенд, за да испалнирате да почнете со чистење, а и за утеха нека е тоа дека викендов ќе врне, па секако ќе седите дома, барем ќе имате убава активност. Се надевам ќе си отворите простор за нови искуства во животот. 💕

Коментари


Остави коментар