Кој пат да се фати?
И сега откако си кажав сама на себе што не ми се допаѓа во мојот живот, за да ги исклучам негативните работи морав одберам кој пат да го фатам. Дилемата беше дали да одам по туѓите стапки и искуства, да се вклопам во шемата на „нормалните“ и да ги поминам сите фази во животот што „така треба“, да исполнувам туѓи желби и да бидам таква како што некој сака да ме види и очекува од мене или да си бидам своја?Си кажав се што имав да си кажам на себе, искрено си ги признав сите работи што ме прават среќна и што си ги посакувам, решив дека нема да правам отстапки и компромиси, нема да ги прифаќам коментарите како: „нема да успееш“, „не можеш“, „ќе ти се удри тоа од глава...“, бла, бла, бла... и тргнав по патот на среќата, желбите и „ненормалните„. Туѓите искуства ќе си останат туѓи, јас ќе си градам мои.И морам да кажам дека не се покајав, барем до сега, ниту еднаш. Оваа фаза ја совладав некако многу брзо, бидејќи многу добро се усогласив со одлуките што си ги донесов (плус прифатив дека сама ќе сум си одговорна за грешките), а и отсекогаш не се потресувам нешто премногу што се „сите терсене, јас наопаку“. Уживам во патот што го избрав, со еден куп нови искуства и добиени борби. Можеби ако отидев по другиот пат ќе ја следев линијата на помал отпор и некои работи ќе поминеа многу полесно ама сознанието дека јас имам моќ да се справам со сите предизвици што ми се појавија, е бесценето. Тука некаде за првпат почнав да го губам стравот и да ја чувствувам слободата. Е да, имаше и некои луѓе што ги „изгубив“, бидејќи нели ни се разделија патиштата, некои што ми беа лути па сфатија, некои што ме гледаа чудно...и не го кажувам ова затоа што жалам, туку да кажам дека е нормален процес да биде така. Не сме веќе на иста фрекфенција со некои луѓе, други „имаа право“ да се лутат бидејќи не им ги исполнив очекувањата ама им покажав дека посреќна сум кога ќе си ги исполнам моите, а третиве може ако се обидат, ќе ме разберат, па ќе си тргнат да си го бараат својот пат. Но, на мое огромно задоволство сретнав и еден куп нови луѓе со кои сега делиме иста реалност и уживаме. Се надевам дека и вие ќе си тргнете по патот на вашите желби. Дури и ако сте отишле веќе по другиот пат, секогаш има рикверц, па давајте лев жмигавец и стискајте на гас! Нека не ве обесхрабрува или нервира кога понекогаш ќе налетате на гужви по патот или ќе мора да подзастанете на црвено светло на семафор. Не се секирајте, сигурно ќе стигнете таму каде што сте тргнале. Јухуууу, уживајте во добра вожња!